Денеска е Коледе, утре е Божиќ
Со костени, портокали, ореви, јаболка, пари, утрово беа дарувани децата кои со песна го најавија Христовото раѓање.

Денеска е коледе, утре е Божик. Коледарите пред секоја врата ги ширеа торбите, а домаќинките им ги полнеа со овошје во знак на благодарност за прекрасната вест што им ја носат.
Коледарскиот ден секогаш завршува со бадникова вечера. Трпезата е посна, со пита, сарма, гравче, риба и лепче со паричка. Според верувањето, на оној на кој ќе му се падне паричката, ќе има среќа и бериќет во текот на цела година.
Бадник е празник за семејството. На овој ден не се оди на гости и сите треба да бидат во своите домови покрај најблиските. Бадник го означува крајот на 40-дневните божиќни пости.