Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Kошаркарскиот натпревар помеѓу Куманово и „Пелистер“ од Битола, кој вчера беше одложен поради технички проблеми, денеска во 18 часот ќе се игра во салата “Перо Наков“.
Од клубот велат дека денеска се работи на отстранување на проблемот и создавање на услови за одржување на натпреварот.
„Се прават напори, луѓето работат во салата и по она што го имаме како повратна информација до почетокот на натпреварот ќе бидат отстранети сите недостатоци. Одиме на победа и на денешниот натпревар“, објасни Ненад Стојановски, претседател на клубот.
Причина за вчерашното одложување на натпреварот се несипревен семафор и недоволно осветлената сала. Домаќините се обидела да го поправат недостатокот, но службените лица донеле одлука за одложување на натпреварот.
Комисија на Кошаркарската федерација на Македонија минатата недела го предупреди МКК Куманово дека салата во која ги играат натпреварите како домаќини не ги исполнува стандардите и прописите на федерацијата.
„ Семафорот со часовникот за мерење на 24 секунди не е поставен согласно пропозициите, а исто така и осветлувањето во салата не е според предвидена луксажа за одигрување официјален натпревар и не е поставена заштита на постоечките кошаркарски рамки, поради што лесно може да дојде до повреда на кошаркарите од двете екипи“, се вели во официјалниот записник за одложувањето на натпреварот.
Во економското училиште „Перо Наков“ се одржуваат натпревари на сите спортски клубови во Куманово од 2021 година кога Спортската сала беше затворена поради реконструкција.
Екипата МКК „Куманово“ моментално се на 7 место на табелата, тимот на „Пелистер“ две позиции погоре, на 5 место.