Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На Градскиот плоштад во Куманово денеска започна манифестацијата “Денови на мед 2014“, која во нерните три дена ја организира пчеларско друштво “Пчела“.
Тринаесет кумановски пчелари на исто толку штандови го изложија годинешново производство на мед и пчелни производи, се со цел да ги поттикнат граѓаните почесто да ги користат овие производи во исхраната.
Пчеларите секоја година му ја подаруваат оваа манифестација на градот и ова претставува круна и заокружување на едногодишни активности на членството. Проследена од мноштво граѓани, гости и други добронамерници, манифестацијата ја отсликува состојбата на кумановското пчеларството во поширокиот регион и авторитетот кој нашите пчелари го уживаат во земјата и надвор од границите, стекнат со долгогодишна, организирана и макотрпна 44 годишна работа - изјави Бранко Тасевски, претседател на “Пчела“.
Манифестацијата е под покровителство на градоначалникот, кој ја отвори манифестацијата и зборуваше за нејзиниот туристичко - стопански карактер.
Ја поддржуваме по 10 - ти пат оваа манифестација се со цел да ги доближиме овие вредни луѓе, медопроизводители поблиску го граѓаните. Да ги презентираат своите производи и на некој начин да ја потенцираме шареноликоста на нашето поднебје, потенцијалот во малото стопанство, во локалниот развој и пред се да ги презентираме производите од мед. Јас како градоначалник давам целосна поддршка на сите невладини здруженија пред се оние со стопанска дејност - кажа Дамјановски.
Пчеларите се пожалија дека оваа година временските услови не им беа наклонети, имаше обилни дождови и производството на мед е помало од претходните години.
Не беше најдобра годината. Јас имам просек од 18 до 20 кг мед по кошница. Имам над сто кошници во село Стрновац. Цели 40 години сум пчелар. Во осумдесетите години вадев по 5 тони мед. Медот и пчелните производи се најздрави - вели Милорад Арсовски, пчелар.
На “Денови на мед 2014 Куманово“ се претставија и учениците од “Киро Бурназ“ со мед од нивниот пчеларник. Тие не ги продаваа производите, туку целта им беше да се промовираат.
Имаме еден мал пчеларник кој ни е само за практична настава. Почнавме пред неколку години кога имавме само 2-3 кошници, а сега веќе имаме поголем број на кошници и оваа година добивме околу 70 кг мед. Го подаруваме на партнери, соработници за да го промовираме училиштето - изјави Весна Трајковска, директорка на “Киро Бурназ“.
Саемската манифестација годинава се одржува по 15 - ти пат и ќе трае и во наредните два дена. Во рамки на саемот пчеларите ќе следат трибина на тема “Зазимување на пчелните семејства“ со предавачот Часлав Ристовски.