Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, наредните два дена /четврток и петок/ ќе се одржи Меѓународниот фестивал „Денови на прозата“. На фестивалот ќе учествуваат автори од Македонија, Србија, Словенија и Бугарија.
Отворањето на фестивалот е утре во 20 часот со книжевна вечер на академикот Влада Урошевиќ и српската авторка Даница Вукиќевиќ - добитничка на Ниновата награда.
„Очекуваме дека искусните дејци Урошевиќ и Вукичевиќ ќе отворат интересни теми, кои ќе ја заинтригираат публиката да се вклучи во дискусијата. На книжевната вечер ќе се разговара за нивните книги. Модератор е Александар Маџаровски од Скопје“, изјави Сашо Тодоровски, директор на Центарот за култура.
На вториот ден во петок, во 12 часот ќе се одржи работилница за деца од пониските одделенија, која ќе ја води Елена Величковска. Потоа ќе биде промовирана книга на писателката за деца Јулија Величковска.
Во 17 часот ќе се одржи кружна маса на која ќе дебатираат за преводите: Петар Андоновски, Саша Пуљаревиќ од Словенија, Катица Гаровска, Елена Алексиева од Бугарија. Модератор е Владимир Јанковски.
Втората фестивалска вечер има повеќе учесници, ќе се препорачува материјал за љубителите на читањето и општи литературни разговори, кои ќе наметнат одредени теми.
„Во 20 часот ќе се одржи втората вечер на фестивалот, тогаш повторно ќе се читаат фрагменти од делата на повеќе автори и ќе се разговара за литературата воопшто. Учесници се Елена Алексиева и Арлинд Фазири, Живко Гроздановски, Калина Малевска и Стефан Алиевиќ. Модератор е Ана Јовковска“, истакна Тодоровски.
Тој смета дека годинава имаат многу добра програма и одлични гости, поради што се надева дека ќе го повторат успехот од лани.
Фестивалот се одржува со финасиска поддршка на Министерството за култура.