Мени

Кумановецот Дино ја претстави Македонија на Меѓународен фестивал на оџачари во Италија

21.09.2026 08:21 | Сузана Николиќ

Кумановскиот оџачар Амзир Рушити – Дино ја претставуваше Македонија на Меѓународниот фестивал на оџачари, кој од 4 до 7 септември се одржа во Санта Марија Маџоре, во Северна Италија.

На фестивалот учествувале 1.400 оџачари од 137 земји, меѓу кои и екипата на Дино, како единствени претставници од земјава.

Фестивалот во Санта Марија Маџоре има долгогодишна традиција и претставува место каде што оџачари од различни земји се среќаваат, разменуваат искуства и го слават својот занает. Облечени во традиционалните работни униформи и опремени со стари алати, учествуваат на големата парада низ улиците на градот, заедно со музички и фолклорни групи.

„Како повторно да се родив кога го видов сето тоа. На едно место да видиш толку оџачари од целиот свет тоа е голема работа. Оџачарите носат среќа на луѓето и должни се таа среќа да ја делат со останатите, тоа беше паролата со која нè поздрави градоначалникот на Санта Марија Маџоре. Кога сите мислевме дека овој занает изумира, напротив тој се модернизира. Ја претставивме Македонија и се гордеам со тоа. Навистина е привилегија да си претставник на својата држава на еден таков престижен фестивал“, вели возбудено Рушити - Дино.

Фестивалот на оџачарите во Италија бил основан во 1982 година со цел да се зачува споменот на стариот занает и на генерациите оџачари кои од долината заминувале на работа во други европски земји.

Дино вели дека фестивалот настанал во спомен на едно момче кое загинало додека чистело оџак во Санта Марија Маџоре. Според легендата, додека момчето било на покривот, ги подигнало рацете за да им даде знак на родителите дека оџакот е исчистен и да му помогнат да слезе. Притоа ги допрело електричните жици и загинало. Во знак на сеќавање му подигнале споменик во центарот на градот, а секоја година оџачарите се собирале за да му оддадат почит. Подоцна собирот прераснал во меѓународен фестивал на кој се слават животот и тешката работа на оџачарите. На парадата, сите учесници се поклонуваат пред споменикот.

Идејата да го посети фестивалот Дино ја имал одамна, но дури оваа година ги контактирал организаторите. Откако го формирал Здружението на оџачари Куманово и добил официјална покана за учество, на свој трошок се подготвил најдобро што можел. Набавил знамиња, купил шалчиња и капи со национални и градски обележја, направил пано и видео-презентација со македонска песна „Јас сум Македонец“.

На парадата биле во групата со колегите од балканските земји: Словенија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Како што се приближувал моментот за претставувањето, возбудата растела, а Дино со нетрпение чекал да го чуе името на својата држава.

„Му реков на синот да забави малку за да се оддалечиме од групата пред нас, за подобро да не видат. Официјално не претставија од која земја доаѓаме и дека за првпат учествуваме. Моментот кога одекна нашата песна на видеото, а јас бев на чело со знамето, беше посебен. Ми се исполни желбата. Не можам да ви го опишам чувството и возбудата. Мислев дека ќе полетам од радост и среќа што толку луѓе слушнаа за Македонија. Бевме поздравени со голем аплауз, луѓето извикуваа „Македонија, Македонија“. За нас се интересираа и новинарските екипи, нè снимаа“, раскажува Дино.

На фестивалот најбројни биле американските оџачари, над 360, кои пристигнале со авион. Потоа биле домаќините од Италија, Германците кои дошле со неколку автобуси, додека останатите земји биле претставени со по пет до десет учесници.

„Ние бевме осум души, сите од моето семејство. Црногорците беа тројца – татко, син и мајка. Босанците имаат 17 здруженија, ама сите беа под едно знаме. Словенија, исто така, со четворица луѓе беше претставена. Сите одиме на свој трошок“, вели Дино.

Покрај учеството на парадата, Дино присуствувал и на стручни предавања за новите достигнувања, а разменил искуства и со колегите од различни земји. Од нив дознал дека и кај нив оџачарството најчесто е семеен бизнис, исто како и кај нас. Се согласиле дека додека има дрва, ќе има и оџаци, па оџачарите нема да останат без работа.

„Сепак, технологијата таму е многу напредна. На едно предавање видовме колку модерно се работи. Ние тука и на Балканот не можеме да си дозволиме да работиме со таков алат, за жал. Меѓутоа, ние сме задоволни од тоа што го имаме. Со колегите со кои разговаравме заклучивме дека нашите предци работеле во далеку потешки услови. Ние малку се модернизиравме, но далеку сме од Америка, Германија и Италија“, вели Дино.

Тој смета дека убавината на фестивалот е во тоа што таму не се гледа кој од каде е и на која националност или религија припаѓа, сите се дружат, се веселат и разменуваат искуства.

„Покрај парадата, најубавиот дел беше дружењето и ноќниот живот, кој траеше од „сабајле до сабајле“. На сите страни имаше различна музика, од сериозна до фолклорна. Ние бевме најинтересни со песната „Оџачар“ од Есма Реџепова, која беше хит за балканските колеги, но и за останатите“, се смее Дино.

Во градот Санта Марија Маџоре се наоѓа и Музејот на оџачарството, во кој е претставен развојот на овој занает во Италија.

Воодушевен од фестивалот, Дино повторно планира да го посети, но овој пат во проширен состав, со колеги од други градови, со поголема организација, но ќе бара поддршка од локалните и националните институции.

За време на четиридневниот престој остварил многу контакти и веќе добил покана да присуствува на сличен фестивал во Романија. Планира и на 1 април, Светскиот ден на оџачарите, да организира настан во Куманово и Охрид.

„Сакам оџачарите да ја видат мојата преубава земја. Многу луѓе не знаеја каде се наоѓа, па бараа на интернет да видат од каде доаѓаме. Затоа сакам да им ја покажам во живо. Ние имаме долга традиција во оџачарството. Некогаш овој занает многу се ценеше. Татко ми, кој 60 години работеше како оџачар, луѓето го викаа прв да им честита Нова година и да им влезе во куќата за да им донесе среќа. И верувам дека има нешто во тоа. Затоа сакам да се обнови традицијата“, вели шеесет и осумгодишниот Дино, кој има желба да направи и спомен-куќа на оџачарството во својот дом во Куманово.

Дино е познат и по својата хумана работа. Пред две години исчистил 116 оџаци на самохрани родители и лица со попреченост во Куманово. Организирал и две хуманитарни акции за помош на семејства погодени од пожарите во Кочани и помага секогаш кога треба. 

 (Фото и видео: Фестивал на оџачари, приватна архива и Кумановоњуз)

 

Кумановецот Дино ја претстави Македонија на Меѓународен фестивал на оџачари во Италија