Денс Студио Мак од Куманово освои четири награди на натпреварување во Москва
Членовитe на Денс Студио Мак од Куманово, постигнаа извонредни резултати на Европско првенство во модерни и спортски танци во Москва, Русија.
Во силна конкуренција од 7000 натпреварувачи од 104 балетски студија од целиот свет, кумановските танчери со две формации и две групи освоија четири први места. На натпреварувањето настапија 32 танчери на возраст од 11 до 17 години.
Мерлин Стојановска, кореографот на Денс Студио Мак, вели дека е презадоволна од постигнатите резултати, кои претставуваат голем стимул за наредните генерации.
- Станува збор за престижно првенство кое се одржа од 4 до 9 март, во организација на Светската артистичка танцова федерација(WADF). Учествуваа 22 земји од Европа и други континенти и 104 балетски студија и повеќе од 7000 натпреварувачи, каде нашите танчерки се преставија во најубавото светло. За првпат на овој престижен фестивал се свиреше химната на Македонија. Морам да признам дека ова година на нашето студио е една од најуспешните и покрај сите пречки со кои се соочуваме: здравствени, социјални, финансиски, дури понекогаш и просторни. Успеавме да се избориме и да докажеме дека само сплотеност, пожртвуваност, љубов, солидарност и истрајност се тајната на нашиот успех,- додава педагогот Стојановска, која воедно беше и меѓународен судија.
Денс Студио МАК од почетокот на оваа учебна година учествуваше на пет натпревари надвор од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Австрија и Русија на кои се закити со вкупно 14 златни пехари и 1 сребрен.
(Ф.Марковска)