Десет медали освоија гимнастичарите на „Атлета“ на Државно првенство во Скопје
Осум медали во поединечна и две во екипна конкуренција освоија членовите на Гимнастичкиот клуб „Атлета“ викендов на Државен натпревар во спортска гимнастика во Скопје.

Во силна конкуренција од над 160 натпреварувачи од целата држава, кумановските гимнастичари освоија една златна, три сребрени и четири бронзени медали во поединечна конкуренција, и две сребрени во екипна конкуренција.
На првенството клубот учествуваше со 27 натпреварувачи, од кои 13 во машка и 14 во женска конкуренција.
„Во машка А-програма во категорија помлади пионери Бојан Христовски освои второ место, а Даме Јаневски трето место. Во категоријата постари пионери А-програма Калин Илијевски освои второ место. Во Б-програма помлади пионери Лазар Ѓоргиевски освои трето место. Во категоријата постари пионери Јаков Стојановски беше прв, Марко Величковски освои второ место и Михаел Додевски трето место. Во женска Б-програма во категорија постари пионерки Сара Мишиќ освои трето место поединечно“, изјави тренерот Филип Миленковски.
Успесите не изостанаа и во екипните натпреварувања, па кумановските гимнастичарки се вратија со две медали.
„Екипно второ место освоија: Сара Мишиќ, Лена Трајковска, Ива Тодоровска Ања Ристевска и Лана Богдановиќ. Во категоријата до 7 години екипно второ место освоија: Анисија Станојковска, Софија Цеков, Кирјана Крстевска, Калина Стојмановска и Софија Николовска“, изјави тренерот Никола Златановски.
Гимнастиката во Куманово се враќа на местото на коешто припаѓа, а тоа го покажуваат успесите на учесниците на „Атлета“ и нивните тренери кои неуморно работат со нив.
„Се надеваме дека Општината ќе ни излезе во пресрет, бидејќи на Куманово му е потребна гимнастичка сала, затоа што има голем број на гимнастичари кои сакаат да се занимаваат со овој спорт . Куманово е гимнастички град со и се надеваме дека "Соколана" ќе биде целосно само за гимнастиката, и нашиот град ќе може да биде домаќин на државни првенства во спортска гимнастика“, истакна тренерот Миленковски.
„Атлета“ постои седум години, а нејзините членови нижат резултати на сите натпреварувања.