Десет пожари во кумановско, пожарникарите се на терен, ги повикуваат и жителите да помогнат во гаснењето
Повеќе пожари избуванале околу пладне и постојано се шират на територијата на општина Куманово.

Според информацијата од командирот на Територијалната противпожарна едница (ТППЕ) Куманово, Деан Илиевски, пожари има во селата Четирце, Табановце, Романовце, Горно Којнаре, во местото Палестина, во населбата „Перо Чичо“, на ул. „Ѓуро Пуцар Стари“, во селото Младо Нагоричани, во близина на Етно село и на уште неколку места.
„ Нашите екипи се на терен и даваме се од себе да го ставиме под контола огнот, но постојано пристигаат пријави за нови пожари. Две возила пративме и во Младо Нагоричане затоа што таму пожарот се доближил до куќите. Ги повикавме колегите од дома за да се организираме и да ги покриеме сите места. Еден апел и до месното население, да се вклучи во одбрана од огнената стихија. Силниот ветар брзо го шири огнот и мора побрзо да се дејствува“, вели Илиевски.
Градот е обвиткан во дим од пожарите.