Повредено девојче - ја удрил автомобил на пешачки премин на „Октомвриска“
Малолетно девојче синоќа било повредено на булеварот „Октомвриска револуција“ во Куманово, откако во него удрил автомобил додека поминувало на пешачки премин.
„На 5 февруари во 19:10 часот било пријавено дека на булеварот ‘Октомвриска револуција’ во Куманово се случила сообраќајна незгода, во која патничко моторно возило ‘голф’, управувано од С.В. (23), удрило во малолетно лице. Детето се здобило со повреди, констатирани во Општата болница Куманово, по што било префрлено во Ургентниот центар ‘Мајка Тереза’“, соопшти Кумановската полиција.
Според очевидци, несреќата се случила додека две девојчиња на возраст од 7 до 8 години ја поминувале улицата на пешачки премин кај некогашниот „Мај маркет“. Додека едно возило застанало за да ги пропушти, возилото „голф“, управувано од млада девојка во другата лента, продолжило со движењето и удрило во едното дете, при што тоа било отфрлено.
Повреденото дете со возило на Итна медицинска помош било пренесено во Кумановската болница, а потоа префрлено на скопските клиники.
На местото на несреќата увид изврши екипа на СВР Куманово, а присуствуваа голем број на граѓани, кои реагираа поради непочитувањето на предноста на пешаците на обележаните пешачки премини, неприлагодената брзина на движење и непрегледноста на улицата од зеленилото во жардиниерите меѓу двете коловозни ленти.
Додека траеше увидот дел од „Октомвриска“ беше затворен, а сообраќајот се одвиваше по паралелната улица пред зградите.