Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кога ќе ги видат инспекторите дека излегле на терен, таксистите јавуваат по телефони на нивните колеги и сите се повлекуваат од улица.
Само четири автомобили се одземени од почетокот на годината, а изречени се над 100 парични казни за дивите таксисти. Локалните инспекциски служби можат да ги казнуваат само превозниците на територија на град Куманово, а за превозот меѓу две општините надлежна е државната сообраќајна инспекција.
Во изминатиов период има засилени контроли со цел да се сузбие нелојалната конкуренција во превозот. Акциите даваат резултати, но проблем се мобилните телефони. Кога ќе излеземе на терен, што ќе фатиме во првите 15 минути, на тоа останува. Тие си јавуваат меѓу себе и се повлекуваат- велат од надлежната инспекција.
Паричните казни за нелегално вршење на јавен превоз изнесуваат 500 евра, а возилото штом ќе се одземе се задржува од шест месеци до една година. Газдата може да го поврати возилото и порано ако извади лиценца, но никако тоа не може да се случи за период пократок од три месеци.
Таксистите сметаат дека превозот во градот нема да се регулира уште долго време. Нивен став е дека само мал дел од дивите превозници се казнуваат, а другите успеваат да го изиграат законот.
Ова не се решило десет години, па ни сега нема да се реши. Тоа само муабет се прави. Јас ако имам лиценца, секогаш ќе има некој кој ќе вози на диво макар два - три часа дневно. Луѓето немаат егзистенција и мора од нешто да живеат - велат таксистите.
Со измените на Законот за превоз кои се направени годинава, запленување на возило се врши со полиција и со присуство на инспектори од Агенцијата за чување на одземен имот. Претпоставките се дека оваа институција има мал број на инспектори и не можат секаде да постигнат, па затоа во градот ретко доаѓаат. За одземените возила одговорна е Агенцијата за чување на одземен имот. Дивите таксисти можат да го регулираат својот статус со тоа што ќе извадат лиценца. Како правно или физичко лице тие можат да се регистрираат во Централниот регистар, да поседуваат технички исправно возило, да приложат обрасци М1 и М2 дека се пријавени. Ова се само дел од критериумите кои треба да ги исполнуваат.