Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во наредните 4 години во североисточниот регион ќе се затворат дивите депонии, по што ќе се формира една регионална депонија.
Ова денеска го соопшти министерот за животна средина, Нурхан Изаири на средба со градоначалниците од североисточниот регион. За затварање на дивите депонии во североисточниот и источниот регион, од ИПА фондовите се обезбедени вкупно 32 милиони евра. Прво ќе се подготви проектна документација, а потоа со студија ќе се утврдат и детали околу регионалната депонија.
“Се предвидува проектот до 2020 година да се заврши. Тоа значи дека во 2020 треба да имаме еден центар, една регионална депонија, која ќе управува со регионалниот отпад од североисточниот регион. Ефектите се многу значајни, и придобивките ќе бидат за сите, за граѓаните, за животната средина, за сите нас. За да стигнеме до затварање на овој проект ќе ни треба помош од сите, почнувајќи од сите инволвирани страни, градоначалниците, општинските совети, граѓаните, граѓанската совест. Треба сите да бидеме вклучени“-рече Изаири.
Тој вели дека нашиот и источниот регион се во напредна фаза, и веќе почнуваат со затварање на дивите депонии.
Градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски кој истовремено е претседател на советот на североисточниот плански регион, вели дека ќе се презентираат идните чекори во однос на затварање на дивите депонии.
“Ова е многу важно прашање за овој регион, всушност тоа е усогласено со националниот план за управување со отпад и регионалните планови за управување со цврст отпад“-изјави Дамјановски.
Градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски додава дека имаат проблем со депонијата во Конопница и го поздравува решавањето на овој горлив проблем за регионот.