×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Се чека список од полицијата за да почне отстранувањето на хаварисани возила од јавни површини, велат од Општината

    08.04.2025 11:38 | KumanovoNews

    Никако да започне акцијата за отстранување на хаварисани возила од јавните површини во градот, која беше најавена на крајот на февруари на состанок во Општина Куманово. 

    Се чека список од полицијата за да почне отстранувањето на хаварисани возила од јавни површини, велат од Општината

     Во информацијата која тогаш беше споделена на социјалните мрежи, стои дека е прецизирана постапка за отстранување на отпадни автомобили на територијата на општина Куманово.  На состанокот присуствувале претставници од: друштво за управување со отпад, колективни постапувачи со кои Општината има потпишано меморандум за соработка,  СВР Куманово,  Инспекциските служби, Сектор за комунални работи и Куманово-паркинг, на иницијатива на претседателката на Советот и секретарот на Општината.

    „Во периодот што следи  од страна на Сектор за инспекциски работи ќе се лепат опомени со глоби за сопствениците и ќе се постапува според Закон за управување на посебни текови на отпад“, стоеше во најавата.

     Од Секторот за инспекциски надзор во Општина Куманово сега велат дека тие изработиле попис на 70- тина хаварисани возила, заедно со локациите на која се наоѓаат, ама додека полицијата не го заврши својот дел од работата тие не можат да започнат со подигање на автомобилите од тротоарите, парковите и тревниците.

    „Подготвени сме да ја спроведеме акцијата, но не смееме да подигаме возила кои не се одјавени како стари и неупотребливи. Затоа и чекаме список од СВР Куманово, онаму каде е завршена процедурата за многу кусо време можеме да реагираме“, велат од Секторот за инспекциски надзор.

    Законот предвидува за секое возило кое не е регистрирано повеќе од две години мора да се одјави. Полициски службеници по овој рок имаат право, но и обврска да ги казнат сопствениците доколку автомобилот е паркиран на јавна површина. Само откако возилото ќе биде одјавено инспекцијата има право да отстрани.  

    Општина Куманово има склучено меморандум за соработка со двајца колективни управувачи со отпад, а имаат договор и за асистенција со пајак возило на ЈП „Куманово паркинг“.

    Кон крајот на октомври, 2024 година локалниот Сектор за превенција спроведе едномесечна акција за бесплатно отстранување на хаварисани возила во Куманово. Акцијата траеше еден месец, но постапено е по само две барања од сопственици на стари возила. Надлежните органи тогаш изјавија дека се непријатно изненадени од незаинтересираноста на граѓаните да се искористи можноста наместо да плаќаат казни.  

    Пред некој месец беше ветено дека акцијата ќе се спроведе во целост и дека јавните површини во градот ќе се ослободат од возилата кои пречат. Градот кубури со паркинг простор, додека голем број на возила со години стојат заборавени на јавни површини.