Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Децата со посебни потреби во основното образование во Куманово ќе ја почнат учебната година без образовни асистенти.
Нивните родители реагираат, додека не се разреши ситуацијата треба да отсуствуваат од работа, затоа што нема кој да се грижи за учениците додека се на училиште.
„Не ставија во пат позиција во 5 до 12, во четвртокот дознавме во родителска група дека нема да ни се доделат образовни асистенти. Учебната година започнува, не знам како да се организирам за навреме да тргнеме на училиште. Јас имам дете со телесен инвалидитет, нарушена моторика и движење, законски родител не смее да седи со него на часовите, а невозможно е самостојно да ја следи наставата. И не сум само јас, има многу семејства кои се во иста позиција како и ние“, истакнува Т.Ѓ., мајка на дете кое поаѓа во второ одделени
Надлежните очекуваат овој проблем да се надмине во првите две недели на новата учебна 2024/2025 година.
Проблемот е на национално ниво, а настанал поради контардикторност на Законот за образование и Законот за работни односи е објаснувањето што го добиле родителите.
„До средината на септември ќе има обезбедено образовни асистенти за учениците во основното образование во Куманово. Конкурсите, постапките и интервјуата се во тек, а за учебната 2024/2025 година, на национално ниво ќе бидат обезбедени најголем број до сега, повеќе од илјада асистенти. Секое дете кое има МКФ извештај ќе си добие личен или образовен асистент“, соопштуваат од Министерството за образование и наука (МОН).
Конкурсот за образовни асистенти за ученици во основно образование ги распишуваат основни училишта со ресурсни центри во пет региони во државата. За новата учебна година конкурсот е распишан пред десетина дена, со задоцнување од еден месец според досегашните искуства. Процедурата е во тек, интервјуата и постапките си течат. Одговорните уверуваат дека за најмногу две недели процесот ќе заврши и ќе се продолжи, тековно и редовно во новата учебна година.
Според податоците за скопскиот и североисточниот регион има потреба од 264 асистенти. Договорите на асистентите кои биле ангажирани минатата учебна година истекле на 31 август, затоа што се потпишуваат на период од една година.
Категоријата образовен и личен асистент на учениците се јави како потреба со започнување на инклузивното образование. Тоа започна минатиот септември, од кога и престанаа да се запишуваат деца со пречки во равојот во посебни паралелки.