Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Корисниците на социјална парична помош тврдат дека две месеци им доцни социјалната помош и празниците ги поминале без пари.
Тие деновиве чекаат исплата за последните два месеци од минатата година.
Не само социјална помош што не е исплатена за ноември и декември, и 700 денари кои Владата ги дава за електрична енергија не се платени уште за 2012 година. Немоќни сме да реагираме. Треба на почетокот на месецот кога се исплаќа пензија да се исплаќаат и социјалците - вели Воислав Поповиќ, социјалец.
Поповиќ објаснува дека со парите од социјална помош, тој и сопругата дневно имаат 52 денари со кои треба да преживеат.
Во многу незавидна состојба е и Елизабета Андевска, самохрана мајка со 3 деца која живее под кирија и едвај сврзува крај со крај со 3.000 денари социјална помош.
- Доцни социјално и газдата се лути. За леб едвај се снаоѓам. Овдека во Куманово нема кој да ти помогне. Кај и да одиш вратата ти е затворена. Работам за 100 денари да печалам денеска за леб - објаснува Андевска.
Од ресорното министерство објаснуваат дека исплатата на социјална помош веќе е почната.
- Исплатата на социјалната парична помош почна од вчера. Странката е должна да подигне социјално бројче од Центарот за социјални работи и да го достави во банката, за да се изврши исплатата - одговара Марјан Гијовски, портпарол на МТСП.
Куманово лани беше рангирано меѓу 5- те градови со најголем број на социјалци во државата. Бројката на корисници на социјална помош се движи околу 4000.