Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во пожарот, кој избувнал утринава, изгоре кат од куќата на 11 - членото семејство Скендеровски во населбата Средорек.
При тоа целосно се уништени: кровот, мебелот, апаратите за домаќинство и сета покуќнина на сопственикот Марјан Скендеровски. Пожарот избувнал во 2.55 часот на горниот кат на куќата, додека Марјан, брат му, снаа му и осумте деца спиеле во собите на приземјето. Чадот го забележале соседите, кои веднаш ги разбудиле и почнале со вода да го гаснат огнот.
“Многу се исплашивме и веднаш избегавме надвор. Децата на возраст од 2 до 13 години, избезумени ги будевме и ги изнесувавме за да не се задушат. Беше многу страшно, имаше силен оган. Повикавме пожарна и тие стигнаа за неколку минути. Бидејќи уличките се тесни и теренот непристапен, возилото едвај поминаа преку железното мовче. Го гасеа пожарот се до 7 часот утрово. Куќата е целосно соголена, нема покрив, останаа само ѕидовите. Имам штета од околу 10 000 евра,“ - раскажува Скендеровски.
Огнената стихија ја пеплосала и стоката што Скендеровски ја донел од Германија за да ја продава. Сопственикот се сомнева дека пожарот е подметнат, бидејќи на катот немало електрична инсталација, ниту оџак. Предизвикана е голема материјална штета, а причината за пожарот ќе ја утврди истрагата.
Територијалната противпожарна единица Куманово со три возила и десет пожарникари, пожарот го гаснела цели пет часа.
Соседите и домаќините денеска ги чистеа остатоците по собите од ноќешниот пожар.