Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Единствениот јавен часовник во градот, поставен спроти зградата на поранешен „Комитет„ не работи.
Неговата единствена функција во моментот е на младите да им служи како зборно место, кога треба да се најдат. Ги прашавме кумановци, што мислат дали на градот му фалат функционални градски часовници?
Јелена Караџинска
Потребни се повеќе часовници, два до три на пример во центарот на градот за луѓето кога ќе поминуваат ако немаат часовник на рака да знаат колку е часот. Денеска младите луѓе велат “кај часовникот ќе се чекаме“. Покрај тоа што е поставен треба и да работи, не само да служи како декор. Во другите градови има дигитални билборди кои го означуваат времето, ама вакви нема.
Санела Сулејмановска
Еден е доволен, но треба да се поправи. Навечер кога излегуваме тука се чекаме. Јас колку што гледам секогаш е 10.30 часот. Од мобилен гледам колку е часот. Ако се поправи ќе им користи на сите и ќе му даде шмек на градот. Вака е запоставен. И во другите градови нема јавни часовници.
Војче Петковски
На сите јавни места, крстосници, плоштади, автобуска, железничка станица треба да има градски часовници. Не е само декоративно, туку и корисно е човек да се ориентира. Јас по сонце се ориентирам, се шегувам, ама имам претстава за време. Јас сум ги поминал метрополите и секаде има часовници, некаде дигитални, некаде обични, во главно ги има. Еве земете ги за пример Белград, Париз, Скопје, Амстердам...
Џемиле Асановска
Треба да има. Еве ако немам во мене телефон и часовник, ќе видам од градскиот часовник. Јас од мобилен гледам колку е часот. Мислам дека треба да бидат на оддалеченост од 500 метри поставени. Ќе биде многу убаво за млади, за стари.
Славица Петрушевска
Еве одам за на работа и не знам колку е часот, дали треба да брзам воопшто. Доста е еден ама да работи во секое време.
Илија Николовски
Тука има таксисти, народ многу и треба да работи часовникот. Овој часовник јас како што паметам никогаш не ни работел. Во центар треба да се стават јавни часовници, ама нема веце, а не пак часовник.