Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Денеска е Светскиот ден за заштита на животната средина, но еколошките друштва од градот и надлежните институции го заборавија.
Освен акцијата за чистење во селото Проевце што ја организира невладината организација Бујрум, други активности посветени на денот и нема.
Кумановци се разочарани што во Куманово не се посветува доволно внимание за зачувување на животната средина како што тоа се прави во големите модерна и урбани заедници. Тие сметаат дека коритото на реката Кумановка, населбата Средорек, депонијата на влезот на населбата „Перо Чичо„ кај пругата, Стариот градски парк, комплексот „Вруќа вода„ и зеленилото на Спомен Костурницата, даваат толку грда слика за градот, поради што треба сите да се срамиме.
Со исклучок на парковите на Градскиот плоштад, Градскиот кеј и Соколанскиот парк, останатите тревни површини во градот личат на стрништа. Тревата е најчесто изгазена и претворена во патеки, а доколку некаде ја има, тогаш е прерасната и неискосена. Таква е состојбата на просторот по целата должина на булеварите и улиците, како и пред стамбените комплекси. Зеленилото му дава душа и живот на градот, а тоа го нема кај нас. Се е запуштено и уништено .- смета Никола А..
Вината за ваквата состојба граѓаните ја бараат во градските служби кои се задолжени за одржување на зеленилото во градот, но и во ниската еколошка свест и воспитувањето на граѓаните, кои ја уништуваат животната средина и фрлаат ѓубре каде ќе стигнат.
Се гледа по самиот град дека е многу запуштено и валкано. По улица фрлаат хартии, кеси, отпушоци. Џабе ако еден човек е свесен, кога останатите немаат навики за урбано живеење. Не им личи кога ќе ги видам како газат по трева. Па и тие тука живеат и треба малку да водат сметка - вели Живка Петровска од Куманово.
Дел од граѓаните сметаат дека само строги казни ќе ги одвикнат несовесните луѓе од лошите навики и ќе се заштити природата.
Само казни можат да ги одврата оние кои го фрлаат сметот до контејнер или го палат. Во населба Перо Чичо кај што живеам јас, многу е валкано. Тоа е штета за сите, бидејќи населбата е нова и се градат убави куќи. Секоја празна нива, мора да е извалкана со ѓубре, кеси, облека. - изјави Весна Апостоловска.
Мотото за одбележување на Светскиот ден за заштита на животна средина оваа година е “Мисли - јади - зачувај“, со што граѓаните треба да се свестат дека храната се купува и не треба да се фрла.