Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Она што ние го правевме во 90-тите се смета за врв на уметничко изразување, вели Љубиша Петрушевски, автор на документарниот филм ,„The Hip – Brainstorm“, во режија на Јане Алтипарков, кој синоќа беше прикажан во Занаетчискиот дом во Куманово..
„Во филмот не се зборува само за музиката, туку и за начинот на презентацијата, културната перспектива која никаде ја немаше како што ја имавме ние. За тоа се заслужни сите кои учествуваа во тој проект, луѓето од Музичката младина, ТВ Куманово и сите кои на било кој начин учествуваа во проект, кој денеска го славиме“, додава Петрушевски.
Тој потсети дека пред групата „The Hip“ во Куманово постоела Музичката младина во која членувале 400-500 млади луѓе од градот, кои се заслужни за се она што се случувало тогаш - рокенрол револуција во периодот од 1988 до 1998 година.
Неговата идеја е преку филмот да се претстави кумановската музичка сцена пред пошироката публика. Сепак она по што е специфичен филмот, е што свое видување дале луѓе надвор од Куманово, кои ја гледаат тогашната сцена во големо светло, како една неверојатно напредна културна средина, што е добар патоказ за младите генерации.
„Ние создадовме прво списание за музика и култура, радио и телевизиски емисии, отворивме клубови. Еден од клубовите беше токму во салата на Занаетчискиот дом, на времето се викаше Ариел, и тука гостуваа големи бендови, како ЕКВ, Електрични оргазам, Партибрејкерси. Ова беше и местото каде созреаа големите кумановски бендови како: ТБ Трачери, Морбид џокер, подоцна Корпус, Дионис и конечно „The Hip“. Сите тие не останаа да бидат локални феномени, постигнаа голема популарност и како што гледаме во филмот имале големо влијание на целата сцена, овде во Македонија“, објаснува Петрушевски.
Режисерот на филмот Јане Алтипармаковски, вели дека Куманово го смета за свој втор дом, иако живее во Скопје, а потекнува од Битола, додека во средното училиште бил голем фан на музиката на „The Hip“.
„Јас Љубиша веќе го познавав преку текстови и неговиот ангажман во групата „The Hip“. На личното запознавање, веднаш кликнавме. Филмот е работен со колегите од културолошките студии и создаден е во тоа време. Пресреќен сум, презадоволен, мене ми се исполни една тинејџерска фантазија да соработувам со македонските алтернативци и заеднички да направиме еден филм. Многу ми е мило што овој филм како што минуваат годините се повеќе и повеќе добива на респект. Можеби ќе звучи нескромно но морам тоа да го споменам- добиваме рецензии на портали и културолошки есеи дека сме направиле документаристичко ремек дело“, изјави Алтипармаковски.
Во план е наредниот период да се снима продолжение на филмот, во кој повеќе ќе зборуваат луѓето од Куманово, но ќе се даде и теоретски осврт на целиот музички пат и на групата и на целокупната рок сцена во градот.
Групата „The Hip“ слави 30 години од издавањето на првиот албум, кој до крајот на годината треба да се појави во винилен облик како двоен албум.
Автор на оригиналната идеја за филмот е Љубиша Петрушевски, продукција и монтажа – Михаил Димитров, звучен дизајн: Валентин Видовиќ, директорка на фотографија -Наташа Гелева, а снимателка е Ања Илиева. Филмот е граден како колаж од разговори со членовите на бендот, музички новинари и критичари од една, и архивски материјали, приватни и од МРТВ, од друга страна.
Филмот имал неколку проекции во Скопје, а прикажан е и на фестивали во Гевгелија, Прилеп, Струга и Крива Паланка, но и на интернационалната фестивалска сцена каде бил и наградуван.