Фирмите од регионот ќе ја подобруваат конкурентноста
Информативен настан на тема „Иновациските способности на малите и средните претпријатија како фактор на конкурентноста на глобалниот пазар“ се одржа денеска во Куманово, во организација на Бизнис центарот при Центарот за развој на североисточниот плански регион.

Настанот има за цел да ја подобри конкурентноста на фирмите во нашиот регион, да се зајакнат и да се отворат нови работни места.
Североисточен плански регион не е на завидно ниво во делот на развојот. Овие информативни настани се од корист и значење за бизнис заедницата. Планираме да имаме уште два информативни настани и на крај ќе имаме еден промотивен настан, каде што ќе ги промовираме сите активности кои ги реализираме во проектот отварање на Бизнис центар. Целта е да се подобри иновативноста и конкурентноста - изјави Маја Петровска, координатор за одржлив развој и поддршка на приватниот сектор.
Од Бизнис центарот се надеваат дека ќе ги мотивираат бизнисмените во регионот да отварат нови бизниси, а со тоа да се подобри и стандардот.
Малите и средните претпријатија се многу важен елемент и на европско и на македонско ниво, 97-98 отсто од индустријата се изведува преку нив. Заради тоа со овој семинар ќе видиме како да се бенефицираат сите тие стандарди - вели Љупчо Давчев од Институтот за стандардизација.
Настанот е организиран во рамки на проектот на Министерството за локална самоуправа „Иновативни решенија за подобар пристап до услуги на локално ниво“ кој се спроведува во соработка со УНДП.