×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Гасеници нападнаа 50 хектари борова шума во Куманово

    14.05.2020 18:25 | KumanovoNews

    Гасеници се закануваат целосно да ја уништат шумата во атарот на селото Биљановце, на само неколку километри од Куманово, ако не се преземат ефикасни мерки за нејзино сузбиње.

    Гасеници нападнаа 50 хектари борова шума во Куманово

    Жителите кажуваат дека е зафатена површина од над 50 хектари борова шума од излетничкото место Студена Вода до Бислимска Клисура, една од поголемите зелени појаси во непосредна близина на градот. Наездата на гасениците е толку голема, што за само петнаесетина дена штетникот на голем дел од дрвјата ги изел листовите и останале само голи гранки, а стеблата поцрнеле и почнале да се сушат.

    „Станува збор за извонредна борова шума висока 10 метри, засадена во 1975 година. Јас сум тука и пожарникар и стражар, кога има некој проблем секогаш интервенираме со соседите, меѓутоа овој пат сме немоќни да помогнеме. Затоа, бараме од надлежните под итно да преземат мерки и да организираат прскање за да се спаси додека не е доцна. Секој нареден ден штетата е сè поголема. Ако не се реагира навреме овде ќе остане пустош, а се работи за многу посетено место од излетници“, вели Драган Ангеловски, кој живее на 10 метри од шумата.

    Тој кажува дека веќе интервенирале во дел од надлежните институции, но никој не реагирал на нивните апели.

    Од Општина Куманово велат дека откако дознале за проблемот, екипа од Секторот за заштита на животна средина излегла на терен и ја констатирала состојбата, по што е испратено писмо со фотодокументација до надлежните институции Министерството за земјоделство и шумарство и ЈП „Национални шуми“. Но, од таму уште нема одговор.

    „Очекуваме под итно да се интервенира за да се заштити овој шумски комплекс којшто е од големо значење на градот, и да добиеме понатамошни насоки што да правиме. Според нас, не само оваа површина туку и останатите треба да бидат соодветно третирани за да се спречи уништувањето на шумите. Општината е подготвена, по добиена согласност од надлежните, со сопствени сили во рамки на сопствените можности да интервенира, но дотогаш немаме никаква надлежност, изјави градоначалникот Максим Димитриевски.

    Помошник-директорот на „Национални шуми“ Николчо Киров вели дека го добиле дописот од Општината, меѓутоа и самите преку нивните шумочуварски служби ја констатирале појавата на инсекти во шумите во околината на Куманово. Според нивните информации, шумата во Биљановце е зафатена од штетниот инсект борова оса на површина од околу 3 хектари, исто како и во Пчиња каде што има 2 хектари. Од претпријатието тврдат дека во моментов не може да се пристапи кон уништување на инсектите, затоа што не се третираат во овој период од годината.

    „Сега во моментов боровата оса не може да се третира, бидејќи времето повеќе не го дозволува тоа. Боровата оса во овој период интензивно се храни и за десетина дена се закопува во земјата, поради што ќе нема ефект од третирањето. Само ќе направиме трошоци, а резултатот ќе биде еден или два отсто.  Може да се дејствува дури наредната година и нејзиното третирање ќе го планираме “, изјави Киров.

    Тој додава дека оваа година единствено можно е да се третира боровиот четник, кој го има во  липковското село Слупчане  на површина од 10 хектари шума.

    „За боровиот четник ќе се следи ситуацијата и ќе видиме дали ќе се третира или не, ако има потреба тоа ќе биде во септември – октомври, кога ќе се формираат гасеничните гнезда. Даваме предност на препораките од ИДП службата на Шумарскиот факултетот со кој имаме блиска соработка, со нив се координираме и ги прифаќаме нивните сугестии“, додава Киров.

    На локацијата Студена Вода, Општина Куманово гради викенд населба за развој на рекреативен туризам, а преку европски проект во тек е изградба на центар за алтернативни спортови на Бислимска Клисура. Со уништувањето на оваа шума не само што овие содржини нема да заживеат, туку Куманово ќе изгуби уште еден дел од своите бели дробови, а ионака е еден од градовите со најзагаден воздух во државата.

    Жителите на Биљановце кажуваат дека шумата последен пат била прскана авионски пред 5 години, кога исто така била нападната од исти штетници.

    (С. Николиќ)