Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Оваа зимска сезона Општина Куманово издвоила најмалку средства за зимско одржување на улиците и патиштата, поточно 12 милиони денари или 195.000 евра.
За разлика од оваа сезона, изминатите години буџетот за оваа намена изнесувал по 14 милиони денари (околу 228.000 евра), покажува извештајот на НВО Инфоцентар и партнерските организации кои спровеле мониторинг на зимското одржување на улиците и патиштата во 8 општини, меѓу кои и Куманово.
Според извештајот, од 2019 година зимското одржување на локалната патна мрежа му е доверено на економскиот оператор КООП Инжинеринг од Куманово,кој добивал околу 9 милиони денари или 146.000 евра, што во просек изнесува околу 75% од предвидените пари за чистење на снег и подмразица. ЈП„Чистота и зеленило“, пак, ги одржувало градските плоштади, тротоарите, пешачките патеки и другите јавни површини за што секоја година му следувале по 5 милиони денари (81.300 евра) од општинскиот буџет, предвиден во рамки на програмите за уредување на градежно земјиште, изградба и одржување на комуналната инфраструктура.
Но, од оваа 2023/2024 зимска сезона ЈП„Чистота и зеленило“ за првпат се вклучува и во чистењето на улиците и тоа во централното градско подрачје, односно во првата зона.
Приградските населби и селата и понатаму остануваат во надлежност на КООП Инжинеринг, кој пак поради намалениот обем на работа ќе добие и речиси двојно помалку пари, или 4,8 милиони денари (80.000 евра). Останатите средстсва се наменети за општинското претпријатие.
„Како што информира директорот, ЈП „Чистота и зеленило“ располага со најсовремена и специјализирана механизација, а за зимската сезона 2023/2024 ќе бидат ангажирани 8 возачи/машинисти и 60 вработени. Кон зимската служба се приклучуваат и сите работници задолжени за јавни површини, како метлари и работници за одржување зеленило. Нема да се ангажираат сезонски работници за одржување сообраќајници. Инаку, претпријатието склучува договор со општината за календарска година, а не за зимска сезона “, стои во извештајот за Куманово.
Во 2023 година, ЈП „Чистота и зеленило“ склучило договор со „МН Компани ДОО Гостивар“ за набавка на 120 тони индустриска сол, во вредност од 658.440 денари (10.700 евра). Досега се набавени 88 тони, а договорот се исполнува во зависност од реалните потреби.
Од Општина Куманово не доставиле податоци за реализацијата на договорите со економскиот оператор за периодот 2019-2023 година, односно за навистина извршените работи и исплатени средства за услугите за зимско одржување.
Мониторингот на зимското одржување во општините е реализиран во рамки на проектот „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“, поддржан од Меѓународниот центар Улоф Палме од Шведска.