Градинката „Ангел Шајче“ бара зголемување на цените за 35 отсто, одлуката е пред советниците
Управниот одбор на градинката „Ангел Шајче“ бара од Советот на Општина Куманово да ги зголеми цените за престој на децата во установата, кои паѓаат на товар на родителите.
Доколку одлуката биде донесена, во иднина ќе се плаќаат повисоки цени за 35 отсто.
„Износот од 1.490 денари за програма за целодневен престој за дете до 6-годишна возраст се зголемува на 2.011 денари. Од 599 денари за престој со ужина ќе чини 808,65 денари, додека досегашните 806 денари за престој со комбиниран оброк понатаму ќе изнесува 1.088 денари. Згрижувањето по еден час од 65 денари се зголемува на 87,75 денари, а износот од 1.490 денари за престој и исхрана на дете над 6 до 10 години се зголемува на 2.011 денари“, стои во предлогот.
Нови цени се предвидени и за учениците кои користат целодневен престој, па наместо досегашните 969 денари, ќе се плаќа 1.308,15 денари.
Во образложението на предлогот се наведува дека последната промена на износот на надоместокот била во 2004 година.
„Трендот на поскапување на трошоците за живот и цените на речиси сите производи (енергетски, комунални, прехранбени производи, пијалоци и сл.) се дел од причините и факторите што најмногу влијаат врз зголемувањето на цената за престој во градинка“, се наведува во образложението.
Советниците за предлогот ќе расправаат на седницата што ќе се одржи во среда, на 25 февруари.