Градоначалникот и новоизбраните советници во Куманово ги добија уверенијата од ОИК
Општинската изборна комисија (ОИК) Куманово, денеска ги додели уверенијата на градоначалникот Максим Димитриевски и избраните советници во Советот на Општина Куманово, кои добија четиригодишен мандат.
Церемонијата се одржа во Општина Куманово, а на старо - новиот градоначалник и на советниците успешна работа им посака претседателката на ОИК Кристина Цветковска.
„Ви посакувам многу реализирани проекти и да работите што повеќе заедно во интерес на граѓаните“, кажа Цветковска.
По врачување на уверенијата се обрати градоначалникот Максим Димитриевски, кој се заблагодари на ОИК за спроведената изборна постапка, а на новите советници им посака успешна работа во престојните 4 години.
„Очекувам плодна соработка без разлика на нашите политички различности, нашиот заеднички содржител е сепак општина Куманово и граѓаните. Особено им честитам на оние кои првпат влегуваат во Советот, имаме доста млад состав. Ви посакувам успех, здравје и среќа на сите“, кажа Димитриевски.
Новиот состав ќе брои 31 советник, од кои седум се на Движењето ЗНАМ, шест на ВМРО-ДПМНЕ, пет на коалицијата на Демократска унија за интеграција, четири коалицијата на СДСМ, три на Демократската партија на Србите во Македонија, двајца на „Ред за Куманово“ и еден на Левица.
Новиот состав на советот ќе го претставуваат: Ивана Ѓорѓиевска, Моника Марковска, Дарко Митевски, Мила Петрушевска, Самет Салиевска, Аце Трајковска и Зоран Јовановски од ЗНАМ.
Владимир Михајловски, Христина Божиновска, Ивана Лазаревска, Сања Јакимовиќ - Петровска, Иван Димитриевски и Тони Димитриевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Kоалиција ДУИ, Блерим Исени, Хузеир Мустафи, Шпреса Реџепи, Исуф Сефери, Шемси Мурати.
Kоалиција СДСМ Томица Илиќ, Благојче Јаќимовиќ, Тамара Анастасовска и Марина Манојловска.
ДПСМ Бобан Јаќимовиќ, Рената Пандуревиќ и Срѓан Ѓорѓевиќ.
ВЛЕН Скендер Османи, Љуљазим Алитие и Акиме Реџепи.
Ред за Куманово – Иван Петковски и Југослав Спасиќ, и од Левица Виторио Зафировски.
Советниците ќе започнат со работа по конститутивната седница, кога ќе се изберат и телата на Советот.

