Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Станиците за технички преглед во Куманово денеска има поголем метеж за набавка на налепници со ознаката „НМК“ во однос на вчерашниот ден. Од таму смируваат дека налепници има во доволен број и сметаат дека сите возачи кои ќе се обратат до нив ќе бидат услужени.
Пред станицата на Пин Петрол, колоната од возила се протега и по должина улицата, а имаше околу 30-тина возила кои стрпливо чекаа ред.
„Брзо оди, еве за 15-20 минути има само уште неколку возила пред мене. Иако ме фати паника кога застанав последна во редот мислејќи дека ќе изгубам половина ден да завршам работа“, истакна наша сограѓанка која ја затекнавме на лице место.
Сопствениците на возила мора лично да се појават во станиците, да пополнат барање, а налепниците задолжително ги ставаат контролорите на каналот во станицата. Граѓаните не можат да ги подигнат налепниците и самостојно да ги залепат на своите таблички.
„Авто Мото“ Куманово имаат обезбедено посебна лента само за граѓаните кои имаат потреба од ваквата услуга, и тие од вчера имаат обезбедено „НМК“ налепници, објавија од станицата. Денеска не успеавме да стапиме во контакт со вработените во станицата која се наоѓа кај поранешната фабрика „Искра“.
Вработените во „Авто контрол“ во населбата Доброшане денеска не работат, има поставено знак Стоп на влезот на халата за технички преглед, а немаше ни возила. Одговорните не сакаа да кажат за што се работи, велат се работи за правна процедура, која не е од јавен интерес.