Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Триесет проценти од родителите не ги пуштаат децата на училиште затоа што сакаат да ги заштитат од околината, а родителите од Липково и дадоа единица на државата и општината, поради незадоволителниот однос кон нивните проблеми.
По повод одбележувањето на пет годишнината од постоењето на Дневниот центарот за лица со интелектуална попреченост „Порака- Наша„, денеска беше промовирана публикацијата „Општествената положба на лицата со интелектуална попреченост и нивото на социјалните услуги во Североисточниот регион„. Во публикацијата се објавени истражувања за состојбите и проблемите со кои се соочуваат хендикепираните лица во процесот на образованието, здравствената заштита, вработувањето, присуството на предрасуди и дискриминации и социо-економската положба. Финасиите се најголемиот проблем со кој се соочуваат семејствата и центрите кои вршат социјализација на лицата.
Овој регион на социо-економскиот статус е на пониско ниво во однос на другите. Се карактеризира со поголема стапка на невработеност од 30 проценти и на онака високиот национален просек, а како резултата на тоа и не се развиени ни институциите. Во поглед на бројноста, во државата не постои единствен регистар за лицата со интелектуална попреченост, односно голем дел од нив не се евидентирани никаде. Проценките ни се дека нивната бројка е од 2 до 5 илјади, а регистрирани се само 1100. Тие ги делат сите проблемите кои се присутни и во другите региони во државата, а тоа е начинот на нивното образование, степенот на уживање на човековите права, нивото на здравствена и социјална заштита, и невработеноста како огромен проблем- вели Марјан Младеновски, доктор на социолошки науки кој работеше на публикацијата.
Истражувањето покажало дека само 2 % од лицата со хендикеп се вработени, 4 % не се осигурани, но речиси сите плаќаат за здравствените услуги и лековите што им се потребни. Дури 30 проценти од родителите не ги пуштаат децата на училиште затоа што сакаат да ги заштитат од околината. Родителите од Липково се најнезадоволни од односот на државата и општината кон нивните деца и ги оцениле со чиста единица, а најзадоволни се родителите од Крива Паланка.
Публикацијата има за цела да влијае врз оние луѓе кои имаат допирни точки, и можат да влијаат за подобрување на состојбата на лицата со интелектуална попреченост. Пред се стручните лица, институциите, родителите, невладините организации и политичарите, кои имаат моќ, но им недостасува добра воља да помогнат.
Родителите се надеваат дека државата нешто ќе смени во својот однос кон оваа маргинализирана група на граѓани, бидејќи Собранието вчера ја ратификуваше Конвенцијата на Обединети Нации за правата на лицата со попреченост, која е обврзувачка за државата и за локалната власт.