Христијаните го слават Свети Јован Крстител
Православните христијани денеска го празнуваат празникот собор на Свети Јован Крстител.

Црквата утврдила овој празник да се прославува веднаш по празникот Богојавление.
Главната служба на Свети Јован, неговото главно дело, се состоела во подготвувањето на народот за доаѓањето на Господ- Бог Исус. Иако Свети Јован Претеча и Крстител се прославува на неколку пати во текот на годината, неговиот собор односно главното празнување е денеска.
Свети Јован се одликувал со морална чистота. Меѓу сите пророци Свети Јован е единствениот кој можел и со рака да го покаже оној за кој прорекувал. Тој постојано ги проповедал позитивните животни принципи, и жестоко ги критикувал неморалот, лагите, развратот, кои во тоа време во Римската империја го достигнале својот врв.
Во времето кога Јован проповедал во Палестина, во Галилеја владеел Ирод Антипа, еден од синовите на оној Ирод што насекаде се прославил со својот расипан карактер. Овој наследил некои особини од татко си, па ја избркал својата законита жена и живеел незаконито со Иродијада, жената на својот се уште жив брат Филип. Јован отворено и пред целиот народ го прекорувал и го разобличувал за тоа, па Ирод го затворил. Во една прилика Ирод приредил гозба во својот дворец. Ќерката на Иродијада, Саломија, го восхитила Ирод со својата страсна игра на гозбата, така што овој замаен од пиењето и ветил се што ќе посака. Саломија, поучена од мајка си, која не можела да му го прости јавното разобличување на Јована, ја побарала главата на пророкот. Ирод наредил и Јован бил обезглавен.