Инфлацијата во август изнесувала 4,4 отсто
Трошоците на животот во август годинава, во однос на август лани, се зголемиле за 4,4%, а цените на мало за 4,1%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

На месечно ниво инфлацијата во август се зголемила за 0,2% во однос на јули, а цените на мало се намалиле за 0,7%.
Зголемувањето на инфлацијата во август 2025 година, во однос на јули 2025 година, е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во групите: ресторани и хотели за 2,1%, мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0,7%, храна и безалкохолни пијалаци и разновидни стоки и услуги за 0,6%, рекреација и култура за 0,3% и алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 0,1%.
Во август 2025 година, во однос на јули 2025 година, намалување на трошоците на животот е забележано во групите: транспорт за 3,1%, облека и обувки за 0,6%, здравје и образование за 0,1%.
Трошоците на животот во групите домување, вода, електрика, гас и други горива и комуникации остануваат на исто ниво како и во претходниот месец.
Според податоците на ДЗС, месечната инфлација во јули годинава беше зголемена за 1,1%, а годишната за 4,8%, а во јуни годинава за 0,8% за месечно, а за 4,5 % на годишно ниво.