Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Општата болница Куманово започнува со работа Роса школа за родителство. Школата вклучува интерактивни работилници за психофизичка подготовка на бремените жени, кои ќе ги водат искусни акушерки,лекари,психолози и физиотерапевти. Тие на идните мајки ќе им го објаснат чинот на раѓање-физиологијата, но и психологијата, што да очекуваат и како да се изборат со инстинктивниот страв кога ќе дојдат до породување.
Овие работилници се организираат за првпат, а проектот е иницијатива на сите засегнати страни, осебено на акушерките. Носителки на процесот на школата за родителство се главната сестра во болницата Валентина Стојимировиќ, акушер со 36 годишно искуство, Анита Стоилковска,поранешна акушерска сестра,сега психолог и Мендуше Селмани,акушер, со отоврена поддршка и помош и на директорката на Општата болница, Снежана Захариев Сите приватно остварени како мајки и добро запознаени со стручниот дел на бременоста и раѓањето.
,,На жените им недостасува психофизичката подготовка пред да дојдат на раѓање, не се подготвени . Не знаат што ги чека. А тоа е чиста физиологија,т елото знае што треба да работи, ние само ги водиме низ тој процес и обезбедуваме што побезбедено раѓање и за мајката и за бебето” вели акушерката Валентина Стојимировиќ , споделувајќи го личното и професионално искуство.
Стручните лица посочуваат дека пред да се стане родител сите имаат прашања, недоумици и дилеми околу бременоста и грижењето за новороденчето, па се обраќаат на познанички, пријателки, роднини што поминале низ тоа искуство,а неретко одговори бараат и на интернет.
,, Самото раѓање е лично искуство, дури и мајките што имаат повеќе деца не можат да ги споредат породувањата од сите бремености. Секое породување е различно”, смета психологот Стоилковска.
Анимирање, регрутирање и запознавање на бремените жени со чинот на раѓање ќеима и во липковскиот регион, каде ангажирано работи медицинската сестра-акушер Мендуше Селмани.
Проектниот тим ќе работи без надоместок за овие активности. Велат дека тоа го прават од хуманитарни причини,на волонтерска база, не добиваат посебни финансиски средства, туку ова им се смета како редовен работен ангажман. Логистички се поврзуваат со матичните гинеколози за и тие да ги упатат и запознаат своите пациентки за можноста за едукација.З а идните мајки работилниците се бесплатни.
„Главно се анимираат трудниците со наполнета 20 гестациска недела, а работилницата предвидува теми за исхрана и здрав стил на бременост, психофизичка подготовка на трудницата,објаснување на самиот чин на раѓање, вежби за релаксација и правилно дишење,грижење за новороденчето, а ќе биде објаснета и разликата меѓу природното породување и царскиот рез. На работилниците можат да присуствуваат и татковците или другите членови на семејството, кои ќе бидат поддршка и помош на идната мајка“, велат акушерките.
Се смета дека оваа програма многу ќе придонесе за здравиот живот и здравата бременост, справувањето со стравот од самиот чин на раѓање, поголема едуцираност на идните мајки и реласирано исчекување на породувањето.
Просторијата за „Роса школата“ е комплетно реновирана од средства обезбедени од продажба на производите на компаниите Пивара Скопје и Кока Кола. Сместена е во подрумскиот дел на главната зграда во болницата, која беше подготвена уште во 2019 година, но заради ковид кризата отворањето беше одложено.
.Пријавувањето и информирањето за работилницата е достапно на телефонскиот број 075295352,или на фејсбук профилот Роса школа за родителство Куманово.