Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Двајца лекари специјалисти од болниците во Скопје и Штип доаѓаат на испомош на колегите на инфективното одделение во Кумановската болница, откако се намали бројот на здравствени работници, поради заразата од коронавирус, објави министерот Венко Филипче.
Тој рече дека целосно е активиран механизмот на поддршка на колегите од страна на лекари и медицински сестри како од клиниките, така и од другите јавно-здравствени установи ширум државата - по систем на ротација да ги поддржат вработените/персоналот во овие центри посветени само на третман на пациенти дијагностицирани со КОВИД-19.
Во државата се регистрирани 52 случаи на заболени здравствени работници. Од нив, 34 се заболени во болнички - амбулантски услови. Меѓу нив се и 15 медицински лица од Куманово.
- Со оглед на тоа што некаде има и лекари и тука е компромитирана работата, како на пример инфективното оддление во Куманово, таму веќе се во функција двајца други лекари-интернисти, коишто ја организираат работата на одделението. Еден е од Скопје другиот од Штип, - изјави Филипче.
Тој испрати порака до здравствените работници, максимално да ги почитуваат протоколите, кои ги имаат од самиот почеток на пандемијата, да се штитат на работните места, но и надвор од нив.
- Тоа значи дека треба да се пазат постојано, заради тоа што улогата на здравствените работници - здравјето на здравствените работници е од примарно значење во овој момент во државата. Здравјето на нацијата и многу животи зависат од здравјето на здравствените работници. Така ќе превенираме епидемија од поголеми размени, така ќе останат здрави тие што се здрави и ќе бориме против вирусот, ќе ги излечиме луѓето кои се во овој момент заболени, истакна Филипче.
Министерoт најави дека утре ќе разговара со Комисијата за заразни болести и можно е на Владата да и предложат да се воведат порестриктивни мерки како превенција од ширењето на коронавирусот.
- Бројот на заболени во наредните денови дополнително ќе расте. Сеуште остануваат прогнозите на пикот дека ќе биде на крајот на април и очекуваме дека ќе биде околу 2000 пациенти, иако многу фактори влијаат на овие предвидувања, - кажа министерот.
Филипче упати апел до граѓаните максимално да ги почитуваат мерките. Физичките контакти да се сведат на минимум и граѓаните да се штитат од секоја ризична комуникација или движење. Еден од главните проблеми е што практично има и асимптоматски носители на вирусот, а ширењето на овој начин од овие носители може да се спречи само со седење дома, односно со изолација.