×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Интервју со Горан Стојковски Диро: Граѓаните кои сакаат промени се тивко мнозинство и повеќе нема да молчат

    15.10.2025 11:25 | Сузана Николиќ

    Одлучив да се кандидирам затоа што верувам дека ова е последната шанса Куманово да биде ослободено, обновено и да стане хуман град - место достојно за сите граѓани. Оние кои сакаат промени се тивко мнозинство предолго, и повеќе не сакаат да молчат и да попуштаат. Се надевам дека ќе ја препознаат искрено подадената рака за промена, вели Горан Стојковски - Диро, независен кандидат за градоначалник на Куманово, во интервју за Кумановоњуз. 

     

    Интервју со Горан Стојковски Диро: Граѓаните кои сакаат промени се тивко мнозинство и повеќе нема да молчат

    Влегувате во трка за градоначалник во време кога Општина Куманово е соочена со голем број на инфраструктурни, еколошки, сообраќајни и други проблеми, а граѓаните се незадоволни од ваквите состојби. Што ќе биде Ваш приоритет?

    Во текот на досегашната кампања внимаваме да не се впуштиме во старата игра и да не парираме на сензационално најавените проекти на противкандидатите. Многу искуство имаат граѓаните со ваков вид на политичка кампања и знаат дека тие ветувања се празни. Проблемите во Куманово на локално ниво се толку големи и толку сеопфатни, поради што ќе мора да се зафатиме со работа на сите проблеми, не можеме дел од проблемите да ги третираме како приоритет, а останатите да продолжиме да ги игнорираме. Овој пат сметам дека мора да започнеме да се занимаваме со коренот на проблемите – партискиот интерес кој е супериорен во однос на јавниот интерес. Тоа мора да се смени. Сите институции на локално ниво мора да добијат стручен и способен кадар и да бидат ослободени од притисокот да се вклопат во партиска агенда или да одработат за мала група на луѓе. Комисијата за урбанизам мора да биде составена од луѓе чии биографии се надвор од секакво сомневање во однос на нивната стручност и овие луѓе ќе треба да го дадат правецот за развојот на Куманово, што е спротивно на праксата на досегашните градоначалници, кои во областа на урбанизмот се однесуваа како разгалени деспоти. Јавните претпријатија прво мора да бидат стабилизирани, а подоцна ќе се најде начин како нивните долгови да бидат сервисирани. Конечно да започне намалување во задолженоста на овие субјекти. Ќе мораме, исто така, конечно да формираме сектор кој навистина ќе биде способен да привлече за Куманово, колку што е човечки изводливо, повеќе средства од меѓународните грантови и фондови. Ќе мораме на сите овие сегменти да работиме паралелно, и секако дека нема да имаме резултат преку ноќ. Клучно за успехот ќе биде составот на тимот кој ќе го работи на сето ова. Куманово има феноменални луѓе кои ова би можеле да го изработат, кои сега ќе добијат шанса и нема да се приморани да поминуваат низ партиски филтер.

    За да имаме функционална Општина неопходно е спроведување на законите и професионална локална администрација. Граѓаните имаат сериозни забелешки за работата на одредени служби. Што ќе преземете да ги поправите овие состојби?

    Прво, ќе воведеме едношалтерски електронски систем, преку кој ќе имам увид во движењето и времетраењето на сите предмети кои се водат во Општина Куманово. За неработењето ќе има и одговорност. Факт е дека актуелниот градоначалник не успеа да изгради вистински тим во Општината, додека претходниот имаше тим на кој приоритет не му беа општинските интереси. Оваа појава ќе биде надмината со тоа што јас од идните раководители на секторите ќе барам да имаат многу поголемо знаење од мене во нивните области. Сите ќе добијат одврзани раце за работа, без никакво оптоварување, на начинот на кој сметаат дека е најдобар и најефикасен. Секако дека ќе бидат повикани на одговорност за својата работа.
     
    Јавните претпријатија се камен околу вратот на Општината. Наместо да остваруваат добивка и да го развиваат градот, тие создаваат загуби. Граѓаните двапати ги плаќаат, еднаш преку сметките втор пат преку покривање на нивните долгови. Имате ли план за нивно реструктуирање?

    Секако, дека постои план за реструктуирање на јавните претпријатија. Пред сè, ќе се постават адекватни менаџери и раководители со јасна визија и одговорност во работењето. Ветуваме целосна транспарентност при јавните набавки, со што ќе се спречи злоупотреба на средствата и ќе се зголеми довербата кај граѓаните. Дополнително, ќе се реализира проект-кампања за подигање на свеста дека редовното плаќање на сметките директно придонесува за развојот на градот, бидејќи наплатата сè уште не е на задоволително ниво. Со овие мерки планираме јавните претпријатија да станат одговорни, ефикасни и одржливи двигатели на општинскиот развој. Исто така ќе влеземе храбро во проекти за јавно-приватно партнерство со единствена цел подобрување на услугите и квалитетот на животот на граѓаните.

    Граѓаните се жалат дека Куманово никогаш не било повалкано, реките ни се мртви, зеленилото уништено, диви депонии на секој чекор. Секако дека вината е кај несовесните граѓани, но одговорноста е кај оние што го водат градот.  Потребни се  контроли и строги казни кои ќе ги дисциплинираат несовесните. Подготвени ли сте да влезете во „војна“ со нив без да правите математика колку гласови ќе чини вашата одлучност?

    Општината и Советот немаат ингеренции да водат казнена политика. Очигледните злоупотреби на несовесните граѓани во прв ред треба да бидат сопрени од Министерството за внатрешни работи, потоа од Инспекторатот за заштита на животната средина. Јас можам да ветам расчистување на дивите депонии во најкраткиот можен рок и поставување на видео надзор на точките каде имало диви депонии, или каде што цениме дека има зголемен ризик од нивно настанување. Меѓутоа за трајно расчистување со овој проблем потребна е соработка со неколку институции на републичко ниво, првенствено со овие две кои ги споменав. Актуелниот градоначалник има кадар од неговата партија на местата државен секретар и директор во овие две институции, што само покажува колку тешко оди координацијата меѓу институциите.

    За чисто Куманово имаме систем на управување со отпад и тоа: анализа и одредување на локација за одлагање на градежен шут и кабаст отпад. Општината како стимулативна мерка за подигнување на свестa ќе субвенционира бесплатен превоз на градежен шут и кабаст отпад во следните години за да не фрла на диви депонии и реки, наместо да даваме пари во чистење, ние ќе инвестираме во соодветно одлагање на отпадот, набавка на механизација за транспорт на крупен отпад, набавка на машини за чистење на градот, парковите, урбана опрема и периферијата, кампања преку едукација во образовни институции, јавни претпријатија, приватни стопанственици за подигнување на свеста за управување, одлагање и селектирање на отпадот со период за превземени мерки и почитување од страна на секој граѓанин и повик по пријава или самостојно реагирање од Општинските репресивни институции за спроведување на санкција за оние кои го загрозуваат здравјето на себе и сите други граѓани со фрлање на отпад на несоодветни и непредвидени места за тоа, палење на отпад и слично. За малкумина несовесни, не треба да се калкулира и на сите граѓани да се остави да го нарушуваат здравјето, мирот, користењето на јавните добра, правото на слободно движење, работа и креирање во Куманово.

    Уништувањето на јавното добро е проблем што досега не нашол решение ниту еден градоначалник. Како мислите да го решите?

    Како што е решен секаде во уредениот свет – со видео надзор. Општина Куманово повеќе од 4 години води постапка за добивање на дозвола да постави видео-надзор над јавните површини, но досега таа постапка е без резултат. Ако градоначалникот претходно имаше изговор дека одобрението за поставување на видео-надзор му е ускратено од политички причини, нејасно е од кои причини нема успех на овој план во последните година и половина кога е дел од централната власт. Ќе направиме максимален јавен притисок до надлежните институции да ни се дозволи видео-надзор над јавните површини. Во меѓувреме, сите комунални редари на Општина Куманово ќе мораат да излезат на терен. Ве уверувам дека нема да биде толерирано ништо друго од вработените на овие позиции. Јавната и урбаната опрема, треба прво да се изработи максимално квалитетно, да се санира исто така квалитетно и да се одржува квалитетно. Во нашата програма еден од основните столбови е уредено Куманово. Опремата ќе се одржува од јавно претпријатие, како „Чистота и Зеленило“ и „Водовод“, со финансиски средства наменети само за поправки и тековно одржување на јавната опрема. Безбедносен систем со видео надзор на овие инвестициски зафати и пријава од граѓаните со брзо проследување до надлежните институции и инспекциски служби, кои ќе мора да постапуваат на терен. Повторно воспоставуваме систем кој ќе функционира и ќе се одржува, независно за кој дел од градот станува збор. Едноставно, тоа се потребите и интересите на граѓаните, па дури и на тие малкумина што го нарушуваат јавниот ред и мир. Но, сепак и институциите како Општина Куманово и јавни претпријатија си имаат своја вина и одговорност за неодржување во континуитет, што остава слика на негрижа и запуштеност што на некој начин е и слика и порака дека може да „прави кој што сака“!?

    Со неконтролирано градење во централното градско подрачје се уништи старата градска архитектура и се обезличи градот. Оние ретки примероци кои останаа се препуштени на забот на времето. Како ќе ги заштитите?

    Во нашата програма предвидуваме неколку конкретни мерки за заштита и оживување на културното наследство. Прво, ќе покренеме иницијатива Куманово да добие конзерваторски центар кој ќе се грижи за зачувување и реставрација на старите објекти. Второ, преку проектот „Старо Куманово“ ќе обезбедиме финансиска поддршка за обновување на фасадите на најстарите куќи во градот, со цел да се зачува автентичниот изглед на старото градско јадро. Ќе се зајакне соработката со НУ Музеј Куманово, а една од староградските куќи ќе се адаптира во етнолошки музеј, кој ќе ја прикаже традицијата, животот и духот на некогашното Куманово. Најдобар пример е куќата на Денко Цеков на улицата Моша Пијаде, објект кој е прогласен за културно наследство, и е во ист ранг со Спомен-костурницата и со Македонка, споменикот на Револуцијата на плоштадот „Маршал Тито“. Денес, таа куќа е запуштена и руинирана и без никаква ознака, што јасно покажува колку го почитуваме сопственото културно и историско минато.

    На Куманово му фалат паркови, а постојните не се одржуваат. Допустливо ли е да немаат систем за наводнување и да се полева со цистерни, ако знаеме колку пари се потрошени за нивна реконструкција?

    Секако дека не е. Ние очигледно имаме општ проблем за одржување на она што е изградено. Секако дека наводнувањето на зеленилото во кое е инвестирано морало да биде дел од проектите за изградба. Тоа ќе мораме да го поправиме. Кога ќе ги реализираме првите три системи, последно се уредување на парковите, бидејќи ако до парковите не можеме да пристигнете пеш, со велосипед, со јавен превоз, со автомобил кои уредно ќе се паркираат. Не ни треба паркови полни со отпад расфрлан или нередовно празнети корпи за отпадоци или без чувари, одржувачи и без безбедносни системи. Затоа, како последователна задача е уредување на парковите и зеленилото на периферијата на градот, за да има каде нашите жители од центарот и периферијата да можат да излезат и да го исползуваат благодетот на уредени паркови со клупи, корпи за отпадоци, штедливи чешми, системи за наводнување, безбедносни системи со видео надзор, уредени паркиралишта за велосипеди и коли, со уредени инклузивни детски и фитнес зони, кои ќе бидат полни со граѓаните и максимално искористени.

    Куманово нема функционален јавен превоз, иако општината потроши над 3 милиони евра за негово субвенционирање. Граѓаните се жалат дека возилата се стари, линиите се ретки, нема постојки и возен ред. Во недела и за празници воопшто нема превоз што е дополнителен проблем за граѓаните кои зависат од него. Што треба да се смени?

    Она што мора да се смени е јавниот превоз после подолго време повторно да биде објективно обмислен. Мораме да го пронајдеме најдобриот систем на едноставни и модерни линии според потребите на сите жители на градот, особено селата и приградските населби кои бараат зачестен, навремен и уреден превоз, а тоа значи кружни линии од селата и приградските населби од сите кракови со влез во центарот и враќање назад – што ќе ги скрати изминати километри на линија, а ќе ја зголеми зачестеноста и прегледноста на линијата. Во поширокото и потесно централно градско подрачје ќе циркулираат две до три нови линии со соодветни автобуси, кои исто така ќе бидат пристапни за сите и ќе ги поврзуваат сите кружни линии кои доаѓаат од селата и периферијата. Тие ќе бидат врската со сите важни точки за граѓаните: болницата и здравствените домови, паркови, кеј, градинки, училишта, музеј, споменици, пазар, Општина, полиција, а во автобусите ќе мора да биде поставен ГПС систем кој ќе биде видлив преку мобилна апликација која ќе овозможи од една страна поголема достапност, од друга соодветна контрола на превозниците.

    Паркинг простор, слободни тротоари, функционални семафори, катна гаража... Болни теми за кумановци. Има ли лек?

    За функционални семафори нема да разговараме или преговараме. Мене ми е непријатно што воопшто во кампања за избори мораме да разговараме за функционални семафори. Тоа е дел од тековното работење на Општина Куманово и на тој начин ќе биде решено без било каква помпа. Јас нема да правам свечено отварање на новите и функционални семафори. Ќе предложам на Советот да донесе нов План за урбана мобилност на Општина Куманово во кој приоритет ќе биде пешакот. На целосно нов начин ќе биде осмислен сообраќајот особено во централното градско подрачје при што ќе бидат испланирани пешачки коридори. Тротоарите мора да бидат слободни и за таа цел ќе бидат оградени. За ова нема преговарање. Слободните тротоари и доволно паркинг простор се поврзани прашања. Вистината е дека катните гаражи се прескапи за општинскиот буџет, но ќе бидат направени на ист начин како во Скопје – преку јавно-приватно партнерство. Дел од катната гаража ќе биде дадена на користење на инвеститорот како деловен простор. На друг начин не може да бидат изградени катни гаражи во Куманово.

    На што друго се темели вашата програма. Што ќе понудите на граѓаните да ве гласаат?

    Културниот живот во Куманово мора час поскоро да биде подигнат на повисоко ниво преку преку поддршка за организација на концерти и фестивали со сите стандарди. Планираме да изработиме дигитални мапи за сите обележја во градот, културни и природни богатства, да организираме хабови за млади, односно за продуктивна дружба на младите кои ќе придонесат за градот, од е-гејминг до спортување на терен. Сериозно ќе инвестираме во образованието преку поддршка за најдобрите ученици и најдобрите наставници со нивно истакнување и со вмрежување преку едукативни, културни и спортски меѓународни кампови, преку инвестирање во дигитализација, кампањи за лична и еколошка одговорност. Сметам и дека недоволно се прави за обезбедување на достоинствени хигиенски услови. Единствените кабинети по наставата кои не се затоплуваат ниту минимално во текот на зимската сезона се спортските сали. Тоа мораме да го промениме и ќе го промениме.

    Зошто се одлучивте да се кандидирате?

    Кажав во мојот говор на настанот на кој беше промовирана нашата советничка листа и програма. Кумановци не треба да бидат препуштени да бираат само помеѓу третиот мандат на Димитриевски и четвртиот на Дамјановски-Циц. И од едната и од другата опција граѓаните знаат што можат да очекуваат. Сите ги знаеме главните играчи, ги знаеме и методите, го знаеме и крајниот резултат. Сметам дека после 20 години кумановци треба да имаат можност да изберат и нешто друго, спроти оваа во суштина идентична политика. Љубовта кон родниот крај е можеби едно од најмоќните чувства што може да ги почувствува човек. Куманово е градот во кој сум роден, во кој живеам и кој длабоко го носам во себе. За жал, денес Куманово е заробен град, град што го држи во заложништво мала група луѓе жедни за моќ. Таквата состојба не е последица на еден настан, туку резултат на подолг процес на запоставување и злоупотреба. Чувствувам дека сме стигнале до момент кога нашата општина е на работ од бездната. Се одлучив да се кандидирам затоа што верувам дека ова е последната шанса Куманово да биде ослободено, обновено и повторно да стане хуман град - место достојно за сите негови граѓани.

    Влегувате во кампања како независен кандидат за градоначалник на Куманово, но дел од вашите противкандидати обвинуваат  сте смениле неколку партии. Постои и сомневање дека вашата кандидатура е мамка за да помогнете на еден од кандидатите полесно да дојде на власт?

    Тоа може да биде сомневање исклучиво на оние кое воопшто не ме познаваат. Раздвижувањата во СДСМ во 2005 година лично ги сметав за погрешни, а кадровската политика за погубна. Формирањето на НСДП беше рефлексија на таа политика. Овој став се покажа како оправдан една година подоцна. За жал, гледам дека кандидатот на СДСМ и во оваа кампања е опкружен со дел од истите луѓе од тоа време. Член на НСДП никогаш не станав, и покрај тоа што бев еден од основачите. Потоа 10 години работев во приватниот сектор во еден од мобилните оператори, по што побараа од мене да застанам на чело на ЈП „Водовод“ во веројатно најтешкиот период од неговата историја. Во време кога никој од локалните партиски првенци не сакаше да го стори тоа. Сметав дека немам право да одбијам. Прво во име на мојот покоен татко, а потоа и во свое име. Се гордеам со тоа што бев дел од смената на режимот на Груевски. Со она што следуваше секако дека не се гордеам, и одбив директно да учествувам на било каков начин. Димитриевски ја доби мојата поддршка на претходните локални избори и покрај тоа што еден месец пред тоа дадов оставка од позицијата што ја имав. Тогаш заеднички се спротивставивме на партијата на која и помогнавме да дојде на власт. Очигледно не се разбравме, мојата поддршка не беше за ова што го имаме во Куманово последните 4 години. Тоа на кратко е мојата политичка биографија. Промената во моите политички ставови и позиции никогаш не била за потребите на добивање на позиција, и секогаш била на страна на политички послабите во тој момент. На овие избори планираме да победиме, не планираме на никој од останатите учесници да им помогнеме. Исто така, не планираме да водиме негативна кампања и не водиме негативна кампања. Сметам дека позициите на сите учесници се јасни и нивните карактеристики се изострени. На кумановци не треба јас да им кажувам зошто да не гласаат за трет мандат на Димитриевски или четврти на Дамјановски - Циц, мислам дека се уморни од тоа и дека бараат начин како да не продолжиме во тој и таков правец. Сакам тоа да им го понудам.

    Од кого очекувате поддршка и какви се Вашите прогнози?

    Во кампањата настапуваме без предрасуди. Очекувам поддршка од сите граѓани, без разлика на нивната партиска, етничка или верска припадност. Оние кои навистина сакаат нешто да променат се тивко мнозинство предолго време. Имам впечаток дека повеќе не сакаат да молчат и да попуштаат. Се надевам дека ќе ја препознаат искрено подадената рака за промена во Куманово. На овие избори имаме уникатна шанса тоа да го направиме. Во врска со резултатот, не би сакал да прејудицирам. Тоа најдобро ќе се покаже на првиот круг од Локалните избори на 19 октомври. Знам само дека ние го дадовме нашиот максимум за да ги доближиме нашите идеи до граѓаните и очекуваме гласачите да го препознаат тоа.