Интервју со Виолета Арсовска: Планирам Куманово да го направам велеград
Се кандидирав кога сфатив дека градот го допре дното. Се борам во арена со искусни „волци“, но ја имам поддршката на жените којa многу ми значи. Сакам да го направам Куманово развиена, успешна и посакувана дестинација за живеење - велеград од кој ќе нема иселување, вели Виолета Арсовска од Интегра МКП, кандидатка за градоначалничка на Куманово на коалицијата „Искуство за успех“, во интервју за Кумановоњуз.

Влегувате во трка за градоначалничка во време кога Општина Куманово е соочена со голем број инфраструктурни, еколошки, сообраќајни и други проблеми, а граѓаните се незадоволни од ваквите состојби. Што ќе биде Ваш приоритет?
Во трката за градоначалничка влегувам со разум, љубов кон граѓаните и со желба да ја направам Општина Куманово развиена, успешна и посакувана дестинација за живеење. Акцентот го ставам на Куманово – градот планирам да го направам велеград. Некој ќе рече дека тоа е невозможно, но јас сум сигурна во моите менаџерски способности и во тимот на моите идни советници. Тоа се неколку доктори на науки од редовите на Интегра МКП, со кои веќе изработивме стратегија и имаме визија за напредно и модерно Куманово. Приоритет ќе биде пред сè развојот на уништената индустрија, со формирање на Кумановски инвестициски фонд и Општинска развојна банка, поддршка на микро и мали претпријатија, изградба на спа-зони, промовирање на туризмот со акцент на Мегалитската опсерваторија Кокино и нејзино ставање на мапата на светските туристички водичи.
За да имаме функционална Општина неопходно е спроведување на законите и професионална локална администрација. Граѓаните имаат сериозни забелешки за работата на одредени служби. Што ќе преземете за да ги поправите овие состојби?
Ова е комплексна тема која опфаќа институционални, административни и организациски аспекти. Мерките за воспоставување професионална локална администрација во Општина Куманово ќе бидат: усогласување со законската рамка, анализа на постојните акти на општинската администрација (систематизација на работни места, правилници и одлуки) со Законот за административни службеници и Законот за локална самоуправа. Изработка на акционен план за усогласување на организациската структура со законските барања. Воведување на јасни критериуми за вработување базирани на компетенции, квалификации и искуство, со цел да се елиминира политичкото влијание. Формирање на Комисија за кадровска политика која ќе обезбедува транспарентни и непристрасни постапки за избор и унапредување на службениците и континуирана обука и едукација. Развивање на програма за стручно усовршување на административните службеници (во соработка со МИОА или Центарот за управување со промени) и организирање редовни обуки за законски измени, дигитална администрација и услужна култура. Внатрешна контрола и отчетност, јакнење на секторот за човечки ресурси и внатрешната ревизија за да се следи спроведувањето на законите. Воведување на систем за мерење на перформанси на административните службеници и годишни извештаи за постигнувања. Подобрување на јавната услужност и дигитализација на услугите со цел побрза и поефикасна комуникација со граѓаните. Отворање едношалтерски систем (One-stop shop) за граѓански услуги, транспарентност и јавна отчетност. Редовно објавување на кадровски конкурси, правилници, извештаи и оценувања на веб-страницата на Општината. Вклучување на граѓански организации и медиуми во процесот на мониторинг на администрацијата. Со овие мерки Општина Куманово ќе добие професионална, ефикасна и транспарентна администрација, усогласена со европските стандарди за добро управување и јавна служба во интерес на граѓаните.
Јавните претпријатија се камен околу вратот на Општината. Наместо да остваруваат добивка и да го развиваат градот, тие создаваат загуби, граѓаните двапати ги плаќаат, еднаш преку сметките втор пат преку покривање на нивните долгови. Имате ли план за нивно реструктуирање?
Предвидуваме финансиска и организациска ревизија – детална анализа на долговите, трошоците и ефикасноста на секое претпријатие. Ќе воведеме професионално и непартиско управување – избор на директори според компетенции и формирање надзорни одбори со експерти. Ќе се спроведе финансиско стабилизирање преку репрограмирање на долговите, рационализација на трошоците и развој на сопствени приходи. Следува дигитализација, модернизација на опремата и мерење на перформанси, како и можност за јавно-приватни партнерства за инвестиции и ефикасност. Поголема транспарентност и отчетност преку објавување на сите финансиски податоци и граѓански надзор. Целта ми е да добиеме професионални, одржливи и транспарентни јавни претпријатија кои ќе обезбедуваат квалитетни услуги без да создаваат загуби.
Граѓаните велат дека Куманово никогаш не било повалкано, реките се мртви, зеленилото уништено, диви депонии на секој чекор. Секако дека вината е кај несовесните граѓани, но одговорноста е кај оние што го водат градот. Потребни се контроли и строги казни кои ќе ги дисциплинираат несовесните. Подготвени ли сте да влезете во „војна“ со нив без да правите математика колку гласови ќе чини вашата одлучност?
За справување со несовесните граѓани кои прават еколошки прекршоци предвидуваме активирање на комунална полиција и строги казни за загадувачите. Потоа, подобрување на инфраструктурата со поставување повеќе контејнери, организирано собирање отпад и редовни акции за чистење. Преку кампањи, училишни програми и поддршка на граѓански иницијативи ќе ја зголемиме еколошката свест. Ќе воведеме награди за најчиста населба и поттик за одговорни граѓани и компании. Планираме и видео надзор, како и апликација за пријавување прекршоци. Целта е Куманово да стане чист, уреден и еколошки одговорен град со активно учество на граѓаните.
Уништувањето на јавното добро е проблем што досега не успеа да го реши ниту еден градоначалник. Како мислите да го решите?
Планираме засилена комунална полиција и строги санкции за сторителите. Преку видео надзор и можност граѓаните да ги пријавуваат оштетувањата, полесно ќе ги пронаоѓаме сторителите. Ќе спроведеме едукативни кампањи и училишни програми за почитување на јавниот простор. Ќе ја вклучиме заедницата преку заеднички акции за одржување и награди за примерните населби. Со брза санација на уништеното и редовно одржување на постоечкото ќе се спречи запуштеноста. Целта е јавното добро да се чува, почитува и претставува заедничка гордост на Куманово.
Со неконтролирано градење во централното градско подрачје се уништи старата архитектура и се обезличи градот. Оние ретки примероци кои останаа се препуштени на забот на времето. Како ќе ги заштитите?
Ќе се спроведе задолжителна реставрација на неколкуте преостанати објекти во градот, особено на Палатата под хотелот „Линка“ и куќата на „Чоробенско ќоше“. Тие не смеат да се препуштат на забот на времето. По реставрацијата може да станат младински културни центри, современи галерии или етно-музеи.
На Куманово му недостигаат паркови, а постојните не се одржуваат. Допустливо ли е да немаат систем за наводнување и да се полеваат со цистерни, ако знаеме колку пари се потрошени за нивна реконструкција?
Недопустливо е парковите да се наводнуваат со цистерни. На Куманово му се потребни нови паркови, но со модерен систем за наводнување – систем „капка по капка“.
Куманово нема функционален јавен превоз, иако општината потроши над 3 милиони евра за негово субвенционирање. Граѓаните се жалат дека возилата се стари, линиите се ретки, нема постојки и возен ред. Во недела и за празници воопшто нема превоз што е дополнителен проблем за граѓаните кои зависат од него. Што треба да се смени?
Потребна е оптимизација на линиите – ревизија на возниот ред според реалните потреби и строга контрола на превозниците. Ќе воведеме GPS и дигитален надзор - следење на автобусите и јавен пристап до возниот ред. Модерни и еколошки возила, уредени постојки и поголема достапност преку поволни карти и подобра поврзаност на линиите. Целта е да добиеме редовен, модерен и ефикасен јавен превоз кој ќе ги поврзува граѓаните навремено.
Паркинг простор, слободни тротоари, катни гаражи, семафори... Болни теми за кумановци. Има ли лек?
Секако дека има. Како градоначалничка ќе воведам зонско и дигитално паркирање, со подобра организација на јавните површини, изградба на неколку катни гаражи по моделот на јавно-приватно партнерство, како и неколку велосипедски патеки низ градот – една од нив ќе започнува од Долно Којнаре, ќе се поврзува со кејот и ќе води до населбата Вера Которка – Доброшане. И секако, ќе се постават и „умни“ семафори за подобар проток на сообраќајот.
На што се темели Вашата програма? Што ќе понудите на граѓаните за да ве гласаат?
Нашата програма се темели на посветена и макотрпна работа во рестартирањето на уништената индустрија, јакнење на економијата со новини како се Кумановски инвестициски фонд и Општинска развојна банка, потоа дигитализација на администрацијата, поддршка на микро и мали бизниси, промоција на туризмот во Североисточниот регион со изградба на спа зони и промоција на мегалитската опсерваторија „Кокино“, како и изградба и подобрување на патната инфраструктурата и на безбедноста. Со еден збор – Куманово ќе биде град од кој во следните години ќе нема иселување.
Зошто се одлучивте да се кандидирате? Тоа беше Ваша желба или партијата ви наметна?
Се кандидирав кога сфатив дека градот го допре дното. Последните 34 години бев нем сведок на состојбите – 30% од населението е веќе иселено, а до крајот на 2025 година се очекува да заминат уште 10% од младите. Тоа е болната вистина. Затоа решив да се кандидирам без влијание од партијата. Сепак, сакам да изразам благодарност кон коалицијата „Искуство за успех“ и мојата матична партија Интегра МКП, кои ми дадоа можност да се докажам и борам во оваа арена полна со искусни и изверзирани „волци“. За крај, ќе кажам – лавицата не се плаши од волците, дури и кога поразот е можен.
Влегувате во кампања како единствена жена. Сметате ли дека тоа е предност или хендикеп?
Како што реков, не се чувствувам хендикепирана ниту исплашена. Напротив, уживам во оваа борба, знаејќи дека многу жени од Куманово се со мене и ме поддржуваат. Ова е машки свет, кумановци се уште со неверување гледаат на мојата кандидатура, но сакам да им порачам дека жената е столб на семејството и може да биде и столб на градот. Потребно е да се одважат и ми дадат можност за домаќинско работење и водење на Општината.
Од кого очекувате поддршка?
Поддршката ја очекувам од сите граѓаните, особено од женската популација и таа многу ми значи. Ги повикувам сите граѓани масовно да излезат на избори. Ако тоа го направат и оние 60% неопределени или разочарани гласачи, ќе ја смениме црно-белата слика што со години не деградира. Само така „големите играчи“ нема да можат да прават партиски пазари и да нè држат таму каде што сме сега на дното и подолу од него.