Ивана Ѓорѓиевска избрана за претседателка на Советот на Општина Куманово

23.11.2021 15:08 | Сузана Николиќ

Ивана Ѓорѓиевска од граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ е нова претседателка на Советот на Општина Куманово. Таа беше избрана на денешната конститутивна седница со 19 гласа. За неа гласаа советниците на граѓанската иницијатива „За наше Куманово“, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива, Беса и Левица. 

Ивана Ѓорѓиевска избрана за претседателка на Советот на Општина Куманово

Во своето прво обраќање пред советниците Ѓорѓиевска се заблагодари за поддршката и вети дека со својата работа ќе ја оправда довербата којашто и е дадена. 

„Ќе се залагам за сите предлози, идеии и сугестија дадена од советниците, граѓанските здруженија и сите чинители на општествениот живот да најдат место на дневниот ред, на новите комисии и во новиот состав на Советот. На тој начин ние советниците ќе го оправдаме секој добиен глас на локалните избори и ќе докажеме дека сме со граѓаните не само во изборната трка, туку сме нивни претставници и потоа. Конекцијата помеѓу Советот и граѓаните мора да биде цврста и квалитетна, и да даде резултат во решавањето на локалните проблеми. Со тоа ќе покажеме дека партиските обележја во овој состав се помалку важни и овој Совет ќе биде вистински сервис на граѓаните“, вети Ѓорѓиевска.

 Јавна поддршка за предлогот пред гласањето даде координаторката на советничката група на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Елена Доцевска Божиновска, која кажа дека тие ќе стојат зад неа се додека функцијата ја извршува чесно и одговорно, додека работи транспарентно и согласно законската регулатива, статутот на Општината и деловникот на Советот. 

„Ивана Ѓорѓиевска ќе ја има нашата поддршка се додека има слух за унапредување на работата на Советот, како од аспект на негово отварање кон граѓаните така и во донесувањето на одлуките. Ќе ја има нашата поддршка за отстранување на сите аномалии и вопоставени лоши пракси и злоупотреби во минатото, како би можеле за 4 години да застанеме пред граѓаните и да кажеме дека сме ја оправдале нивната доверба“, изјави Доцевска Божиновска од говорницата.

 Советниците на коалицијата на СДСМ и ДУИ не гласаа за изборот на Ѓорѓиевска. Атина Мургашанска, координаторка на советничката група на коалицијата на СДСМ, образложи дека предлогот за ние е неприфатлив, затоа што сметаат дека мнозинството е постигнато со непринципиелни коалиции и покрај тоа што нивната советничка група има освоено најголем број на гласови на локалните избори.

„Жалам што уште на првата седница на Советот не се надминаа тесните интереси, туку на виделина излегоа непринципиелните коалиции и се покажа, и со овој предлог, дека со поддршката на советничката група особено на ВМРО-ДПМНЕ, дека не се следат интересите на граѓаните, ниту идеологијата, туку само гола борба за интерес. Ќе остане забележано во историјата на локалната самоуправа дека за прв пат ќе биде изгласан претседател наводен „социјалдемократ“, кој во време на изборната кампањата заедно со своите колеги наводни „социјалдемократи“ ги доведоа во заблуда гласачите и граѓаните дека ги застапуваат интересите на социјалдемократијата, а сега се паднаа маските“, кажа Мургашанска.

Пред изборот на претседателката на Советот, советниците дадоа свечена заклетва за четиригодишниот мандат.  До изборот на претседателот конститутивната седница ја водеше најстариот советник д-р Јадранка Стаменковска.

 

 

2008 - 2021 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk