Прогласени најдобрите полицаец, инспектор и пожарникар за 2025 година
Општина Куманово денеска ги прогласи најдобрите полицаец, инспектор и пожарникар за 2025 година, кои дале особен придонес во унапредувањето на безбедноста на граѓаните во Куманово.
Наградени се: Милорад Трајковски – најдобар полициски службеник од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај при СВР Куманово, вишиот инспектор Арменд Афузи од Одделението за општ криминалитет и пожарникарот-спасител Сашо Бошковски од Територијалната противпожарна служба Куманово.
Градоначалникот Максим Димитриевски денеска им ги врачи наградите во име на граѓаните на Општина Куманово.
„На сите им посакувам многу успех и среќа, и да бидете пример за вашите колеги во понатамошната работа. Задоволство е што Куманово има вакви професионалци. Нашата цел е сите да бидеме во функција на граѓаните“, рече градоначалникот во своето обраќање.
Тој истакна дека е задоволен од соработката со СВР Куманово и Територијалната противпожарна служба во изминатата година и им посака во наредната година да имаат помалку работа.
Сите наградени им се заблагодарија на своите претпоставени и на градоначалникот, кои ја препознале нивната работа и ги предложиле или им дале поддршка за престижните признанија.

Милорад Трајковски веќе 10 години работи во МВР, а во моментов е дел од увидната екипа за сообраќајни незгоди во Полициската станица во Куманово.
„Ова признание претставува мотив и во иднина континуирано да ги извршувам работните задачи како и досега, но и да се надоградувам во професијата. Без моите колеги мојата работа не би била успешна. Најтежок дел од нашата работа, за жал, се сообраќајните незгоди со фатални последици. Тие имаат силно психолошко влијание и врз јавноста и врз нас, бидејќи директно сме вклучени. Тие настани остануваат трајно врежани во нашата меморија“, изјави Трајковски.
Тој апелираше до возачите за време на празниците да ги почитуваат сообраќајните правила и да се воздржат од употреба на алкохол, со цел да се зачува безбедноста на сите граѓани.
Од оваа година повторно се воведува наградата за полициски инспектор, а годинашното признание го доби Арменд Афузи, кој во МВР работи 21 година. Тој по втор пат ја добива наградата и вели дека ваквите признанија секогаш се дополнителен мотив за поголема посветеност во работата.

„Работиме на намалување на општиот криминалитет и настојуваме кривичните дела што се случуваат навремено да ги расчистиме, за Куманово да биде побезбеден град. Во споредба со претходната година, оваа беше помирна. Доволно сме екипирани и можеме да одговориме на сите предизвици, иако Куманово е голем град“, изјави Афузи.
Пожарникарот Сашо Бошковски веќе шест години е дел од Територијалната противпожарна единица во Куманово и вели дека е чест и задоволство да се биде прогласен за најдобар во тековната година.
„Овој успех не е само мој, туку тимски – на моето одделение и на целата единица. За да се биде пожарникар, пред сè, треба да се биде хуман, бидејќи ние го ризикуваме животот, без разлика дали станува збор за пожари, поплави или сообраќајни незгоди“, изјави Бошковски.

Тој истакна дека не секој може да се занимава со оваа професија, но ги повика младите кои имаат желба да се приклучат во доброволните противпожарни друштва и да ја почувствуваат работата на терен. Доколку се пронајдат во неа, да им се придружат, нагласувајќи дека станува збор за работа исполнета со ризици и предизвици, за која се потребни храброст и посветеност.