Изгоре приколка натоварена со сено, татко и син завршија во болница
Две лица се повредени, откако се запалила приколка натоварена со сено на трактор.
Инцидентот се случил вчера околу 17:00 часот на „Пчински пат“ во Куманово.
Од полицијата информираат дека бил пријавен пожар на трактор, кој зафатил и нива со жито, при што две лица се здобиле со повреди.
При увидот што го извршила екипа на СВР Куманово било утврдено дека пожарот избувнал во приколка натоварена со сено, која била прикачена на трактор во движење. Приколката целосно изгорела, а огнот се проширил и на дел од нива покрај патот, засадена со житна култура, сопственост на Б.Д. (72) од Куманово.
„Во пожарот, С.Ј. (46) се здобил со лесни телесни повреди, констатирани во Општата болница во Куманово, додека неговиот татко Т.Н. (69) се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен на понатамошно лекување во Центарот за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје“, соопшти МВР.