Изградбата на пругата Бељаковце – Крива Паланка се реализира со засилена динамика, вели Ивановски
Изградбата на втората фаза на пругата од Бељаковце до Крива Паланка на источниот дел на коридoр 8 се реализира со засилена динамика, објави директорот на ЈП Железници Инфраструктура, Синиша Ивановски.
Ивановски посочува дека има прогрес од 35 проценти на предвидените работи на делницата во должина од 34 километри.
Паралелно со ова веќе се објави и јавниот повик за Надзор за третата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија, а како што велат од Министерството за транспорт, следниот месец се очекува да се распише и меѓународниот јавен повик за избор на Изведувач исто така за делницата Крива Паланка-до границата со Бугарија.
Првиот дел од железничката делница Куманово- Бељаковце, на железничкиот Коридор 8 кон Бугарија, во должина од над 30 километри, за што се инвестирани повеќе од 78 милиони евра, беше пуштен во употреба во јануари 2025 година.
Покрај рехабилитација на постојната пруга, преку замена на дотрајани прагови и шини, беа изградени и 6 стојалишта, 5 моста, 7 надвозници и 11 подвозници, еден тунел, 3 нови железнички станици- во Бељаковце, Ново Куманово и Шупљи Камен, како и целосна реконструкција на Железничката станица во Куманово.
Градежните работи на пругата Куманово- Бељаковце започнаа кон крајот на октомври 2022 година. Паралелно се работи и на делницата од Бељаковце до Крива Паланка.