Изложба „Кумановски графичари 2015“
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ утревечер во 19.30 часот, ќе биде отворена биеналната изложба „Кумановски графичари 2015“.

На изложбата учество земаа академските графичари: Зоран Јакимовски, Стефан Јакимовски, Ханифе Ислами, Милена Арсовска, Валентина Илијевска, Симона Јакимовска, Ана Јовановска, Мила Трендафиловска и Елеонора Накевска.
Графичкиот јазик на овие уметници од поодамна им е познат на љубителите на графиката: се работи за концепти развивани во повеќегодишни истражувачки искуствени акции, резултирани во графички реализации кои што го имаат поминато тестот на јавноста и стручната критика. Кумановските графичари предводени од професорот Зоран Јакимовски и овој пат беа на висина на задачата и понудија графички остварувања коишто инкорпорираат идеја, приказна и специфична визуелна естетика карактеристична за овој вид на ликовно изразување - вели Роберт Цветковски, историчар на уметност.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура и ќе биде презентирана во повеќе градови низ Македонија.