Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Академскиот ликовен уметник Зоран Арсовски - Бабата, со изложба насловена „Космички бумеранг” ќе се претстави пред турската публика.
Изложбата ќе биде отворена утре во 14 часот во Културно - информативниот центар (КИЦ) на Македонија во Истанбул. Изложбата содржи 20-тина дела во вид на една компактна колекција.
- Поради високата стручност и знаење како и повеќегодишното искуство на Арсовски во областа на користење на ликовните материјали и техники, за истиот можеме да кажеме дека е еден од првите уметници на овие простори во развојот и употребата на горенаведениот материјал за изработка на едно ликовно дело на сликарско платно. Самата идеја е презентирање на визијата на Арсовски за космичките пејзажи и перманентни движења на космичката маса како еден процес којшто во окото на гледачот може да предизвика повеќе асоцијации па и поврзување со нашиот материјален свет, на оптичката сензација предизвикана од експресивниот колорит и авторовата емоционална состојба во моментот на креирање дела прави линк којшто отвора еден дискурс на релација човек – космос. Сето тоа изведено со живи и силни бои, создавајќи чувство на огромна енергија и движење, зајакнато со блесокот од рефлексот на употребениот материјал - кај гледачот предизвикува големо внимание, - стои во рецензијата на изложбата.
Зоран Арсовски - Бабата е роден 1980 год. во Куманово, дипломирал 2005 год. и магистрирал 2007 год. на Националната ликовна академија во Софија, насока сликарство. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ).
Досега има реализирано 13 самостојни изложби, учествувано на повеќе групни меѓународни ликовни колонии, изложби, проекти и симпозиуми во земјава и странство. Работи во Центарот за култура во Куманово, како стручен соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура. Има работно искуство во сферата на штафелајско сликарство во познатите класични и негови нови сликарски техники, изработува фреско живописи, икони, сценографии, илустрации и дизајн.
Проектот е од национален интерес во културата од годишната програма за 2020 год. кој е поддржан од Министерство за култура на Македонија.