Измерени -12 степени, хронично болните да не излегуваат на студено
Студено утро во Куманово, измерени се -12 Целзиусови степени.

Лекарите советуваат постарите и хронично болните да не излегуваат од дома на студеното време доколку немаат потреба.
Треба да внимаваат луѓето со нарушен кардиоваскуларен систем. Луѓето во поодминати години, со хронични болести да не се изложуваат на ладно и на загаденост, бидејќи во овој период и загаденоста е поголема. Да не излегуваат ако немаат потреба, за да не дојде до лизгање и повреда. Препорачливо е да се пијат топли напитоци, да се внесуваат повеќе течности, но да не се конзумира алкохол и редовно да се зема терапија, да се носи топла облека, шал, капа - изјави Дарко Додевски, општ лекар.
Најстудено утрово е во Берово каде минималната температура е -18 степени, по што следуваат Маврово со -16, Крива Паланка, Тетово, Лазарополе, Битола и Дебар со -14, Пожаране и Крушево со -12, Штип и Скопје со -11, а Демир Капија, Струмица, Пожар, Прилеп и Ѓуриште -10 степени.
Температурата во Тополчани, Кавадарци и Виница изнесува – 9 степени, во Гевгелија и Претор -7, во Охрид -6 и во Дојран -5 степени.