Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Студентки од женскиот колеџ Гакшуин од Токио, беа гости на Еуро Колеџ и се запознаа со македонската култура, традиција и ноќниот живот во Куманово.
Јапонски студенти мината недела престојуваа во студиска посета на Македонија, при што три дена поминаа во Куманово. Студентки од женскиот колеџ Гакшуин во Токио, беа гости на студентите од Еуро Колеџ и ги посетија културно-историските знаменитости во градот, мегалитската опсерваторија Кокино и локалитетот Куклице.
По програмата на Колеџот Гакшуин секоја година студенти и професори посетуваат земји чии што култури не се многу познати во Јапонија. При тоа имаме задача да ги истражуваме тие култури и да оствариме соработка со студенти од земјите домаќини. Еуро Колеџ е единствената високобразовна институција во Македонија со која соработува колеџот Гакшуин, а покрај Куманово, ги посетивме и Охрид, Струга, Битола, Скопје и повеќе значајни локалитети во државата- изјави Такафуми Накајима, професор на Колеџот Гакшуин.
Тој по трет пат доаѓа во Куманово и воодушевен е од македонскиот менталитет и култура.
Македонците се многу пријателски расположен народ, а многу ми се допаѓа и вашата храна. Најголем впечаток ми остави ракијата, сармата и лубеницата. Оризот ни е заеднички специјалитет, ама вие го приготвувате на сосема поразличен начин од нас. Што се однесува до културно-историските споменици на прво место е мегалитската опсерваторија Кокино- вели Накајима.
Колеџот Гакшуин во Токио е основан 1877 година од императорот Ко Меин со цел да ги образува децата на јапонската аристократија. На овој престижен факултет годишно студираат 1700 студенти на студии по историја, литература, меѓународни односи, меѓународна политика, меѓукултурна соработка и други. Студенстската размена со Еуро- колеџ започнала пред три години.
Студентите од Јапонија три години по ред доаѓаат кај нас, а планираме и наши студенти да патуваат во Токио. Јапонските студентки имаат голема желба да ја запознаат нашата култура, нашата храна, менталитеот и начинот на живот. Досегашното искуство покажа дека на нив многу им се допаѓа овде, па ако предходните години тука остануваа по една ноќ сега инсистираат нивниот престој тука да биде подолго.Тие се презадоволни од нашиот начин на живот, дружбата што ја има помеѓу македонските студенти- вели Марија Стојанова операционен менаџер на Еуро колеџ.
Студентките не го кријат задоволство од престојот во Куманово. Признаваат дека им се чудни некои наши навики, но велат дека им се допаѓа како е организиран овдешниот живот на младите.
Кај вас е многу поразлиочно од кај нас. Ние повеќе работиме, а помалку се дружиме. Повеќето студенти имаат работа на одредено врме и самите си го плаќаат образованието, а не како кај вас да бидат на товар на семјството. Има разлика и во ноќниот живот. Кај нас во 23 часот улиците се празни, бидејќи сите одат да спијат и мора да биде тивко. Кај вас во тоа време врие од млади луѓе и се слуша гласна музика од клубовите-вели една студентка, која по втор пат е во Куманово.
По престојот во Македонија, јапонските студентки заминаа во останатите балкански земји.