Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Позитивни наоди за туберкулоза добиле и останатите членови од кумановското семејство чија мајка и малото бебе кое е во тешка состојба веќе се хоспитализирани .
Од ЈЗУ Институт Козле информираат дека првичните тестирања покажале дека и останатите 4-ца членови на семејството се инфицирани од туберкулоза, но тоа не значи дека се болни и тие се во добра здравствена состојба .
„Овој позитивен тест не значи дека се болни, значи дека се инфицирани, а понатаму од останатите анализи зависи дали овие деца ќе бидат ставени на заштитна терапија за да не развијат активна болест или ќе ги лекуваме како болест на тубрколоза“,појаснува раководителката на Одделот за туберкулоза во ЈЗУ Институт Козле, д-р Катерина Бошковска.
По позитивните наоди хоспитализирани се и останатите 4-ца членови на ова семејство кои ќе бидат подложени на понатамошни испитувања.
Во меѓувреме, ЈУМЦР Куманово презеде активности за утврдување на фактичката состојба на семејството и јавно ги соопшти податоците.
„Семејството Демири не се евидентира во ЈУМЦСР Куманово како корисник на ниту едно право, ниту пак досега имаме добиено било какво известување од страна на други институции за потреба од давање на некаква услуга. Таткото е вработен, додека мајката е корисник на додаток за трето дете во Скопје“, велат од оваа институција.
Инаку, станува збор за шестчлено семејство, две деца се на училишна возраст, редовни ученици, третото дете е на предучилишна возраст, додека новороденото четврто дете, кое е предмет на известувањето, е четврто по ред родено дете со уредна контролирана бременост, со предвремено породување и со мала родилна тежина. Од лекарскиот извештај констатирано е дека новороденото има примено и БСГ вакцина.
„Стручен тим од ЦСР Куманово направи увид во домот на семејството при што е констатирано дека тоа живее во едноспратна куќа, комплетно опремена со целиот потребен инвентар, со високозапазени хигиенски услови. Телефонски е обавен разговор со стручните служби од училиштето од каде досега немаат индиции за занемарување на децата кои што се редовни ученици. Таткото беше повикан на разговор и даде своја изјава дека, освен што е во редовен работен однос, истиот работи и прекувремено за да со дополнителна работа обезбеди повеќе материјални средства за семејството, а сопругата е невработена и се грижи за децата и домашните обврски“, информираат од ЈУМЦР Куманово.
Стручните служби продолжуваат со следење на севкупната состојба и помош и поддршка на семејството кое по направената виктимизација сега има проблем да се интегрира во средината, односно кога ќе се создадат услови децата да се вратат во училиште и да бидат прифатени, а тој да се врати на работните обврски за да обезбедува материјални средства за егзистенција на семејството.