×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Како Черкезите од Кавказ се населиле во Кумановскиот крај

    15.02.2020 19:43 | KumanovoNews

    На територијата на денешна Македонија, некое време живееле и кавкаските Черкези, кои со помош на турската власт тука биле населувани во втората половина на XIX век.

    Како Черкезите од Кавказ се населиле во Кумановскиот крај

    Кога Русија почнала својата територија да ја шири по бреговите на Црното Море, пред себе започнала да поттиснува големиот дел на муслиманското население од земјите северно и источно од неа. Кримската војна од 1853 до 1856 и конечното покорување на Кавказ, потикнало големо иселување на Татарите и Черкезите во Отоманското царство. Цариградската влада со задоволство ги примала новите доселеници и ги помагала материјално и морално нивниот излез од Русија. Желбата и намерата и била да го зајакне муслиманскиот елемент во државата, посебно на Балканскиот полуостров. Сакале да ги „расејат“ помеѓу тогашното христијанско население.

    По долгогодишните војни, Русија во 1863 конечно завладеала со целиот Кавказ, покорувајќи го последното независно племе од Кавказ – Черкези.

    Черкезите или Адиги - Адигејци, како самите себе се нарекувале, живееле уште од праисториско време на северозападните падини на планината Кавказ, околу реката Кубан и горниот тек на реката Терек. Ниеден кавкаски народ не пружил толку отпор на руските освојувачи како черкеските племиња, особено четириесетите и педесетите години на XIX век, додека со нив управувал познатиот лидер Имам Шамил. Кога Русите им ја освоиле нивната земја, Черкезите тргнале кон Турција. Нивното преселување настанало од повеќе причини: дивите и немирни планинци не сакале да се покорат на новата власт и стегите кои Русите им ги задавале, уште помалку кога нивниот освојувач бил христијанин, а тие муслимани.

    Во оваа прилика, освен што дадов кус осврт за вистинската постојбина на Черкезите на планината Кавказ, нема да обрнувам внимание каде се ćе имаат населувано по Балканскиот полуостров и во колкав број ги имало во минатото, туку ќе се фокусирам на Кумановскиот крај

    Помеѓу населението од страна кое некое време живеело на територијата на денешна Македонија, спаѓаат и кавкаските Черкези. Тие се, со помош на турската власт тука се населувани во втората половина на XIX век. А при крајот на турското владеење 1912 година, од споменатата територија, Черкезите во потполност исчезнале, така да веќе и спомените на нив „избледеле“.

    Кога руската влада во 1864 година протерала 400.000  Черкези, Порта (турската влада), тогаш најмногу ги населила околу границата со тогашна Србија. Околу 200 семејства биле населени и во Кумановскиот крај и тоа во селото Черкези, Косматац и Слатина (маалата на селото Младо Нагоричане). Тие се занимавале со кражби и џамбазлук - не биле способни за земјоделство ниту за било која друга работа, и поради тоа дошле во конфликт со сите останати народи во овој крај. Многу загинале од Албанците, но и од христијанското население, поради што се разбегале пред последната Српско-турска војна (1878), а како што рековме, после 1912 година во потполност исчезнале.

    Според статистичките податоци на Васил К’нчов – „Македония. Етнография и статистика“, София, 1900, во Кумановската каза живееле 300 Черкези, од каде во селото Черкези 120 души и во Младо Нагоричане во маалата Слатина, 180 души.

    Ј.Х. Васиљевиќ, во еден свој патопис од 1889 година вели:

    „За кратко време остависмо Куманово и, ударивши мимо „Черкеске куће“, испадосмо на „Катлановски пут“ између брега: Мачкине главе и Велешкога пута.“

    Па се надоврзува:

    „Черкеске куће су једна, као са свим одвојена од Куманова махалица, у којој су сами Черкези. Ови су Черкези овде настањени још пре двајесетину година – по што су, зар. из Русије изагнати.“

    Од претходниот цитиран текст заклучуваме дека „Черкеске куќе“ се однесуваат на денешното село Черкези.

    Черкези или Черкеско Село е село кое се наоѓа јужно од железничката станица „Куманово“ во сува долина. Околни населби се: Куманово од исток, Романовце на југ и Љубодраг од западната страна. На почетокот на XX век, познатиот научник Јован Цвијиќ селото Черкези го запишал како Черкез-кеј. Како и самото име покажува, селото го основале Черкези. Биле доселени во 1864 година како избеглици после една неуспешна побуна против руската управа на Кавказ. Од каде Черкезите биле масовно иселувани во соседна Турција, а турската власт еден нивен дел ги населила и на територијата на Кумановската област. Од тие Черкези т.е. од припадниците на черкеските племиња „Абаз“ и „Шапсо“, потекнувале домаќинствата во селото Черкези кај Куманово.

    Селото било основано на утрина кое се наоѓало на тромеѓето на атарите на околните населби – Куманово, Бедиње и Романовце. При основањето, во Черкези имало околу 50 домаќинства. До крајот на турското владеење 1912 г. бројот на Черкези се зголемил на околу 65 куќи. Меѓутоа, во војните од 1912-1918 г. населението на оваа село се иселило во Турција, освен пет домаќинства. Старешини на тие домаќинства се викале: Адем, Мемет, Етем, Мамут и Амет. Го чувале својот јазик, но почнале да зборуваат и албански, бидејќи како муслимани во поглед на брачните врски, обичаи и ношњи, потпаднале под влијание на околните истотака муслимански Албанци.

    После Првата светска војна на имотот на иселените Черкези, се доселиле Албанци и Срби. Првите биле побројни и потекнувале од соседната Кумановска Црна Гора (Карадаг). Тие во 1940 година имале 13 домаќинства, додека таа година Србите имале 3 домаќинства, доселени како колонисти од околината на Бела Паланка од соседна Србија.

    После Втората светска војна, настанале нови измени во селото Черкези: од 1956. до 1960 г., во Турција се иселиле споменатите черкески домаќинства, додека српските домаќинства преминале во Куманово. На местото на овие иселеници, дошле нови побројни албански доселеници. Во 1964 година во селото Черкези била изградена една од повеќето џамии, додека на тоа место постоела стара черкеска џамија која била срушена во војната во 1912 година. Покрај таа џамија, Черкезите имале дуќан и ковачница.

    Косматац – Во југоисточниот дел на Кумановската област се простираат две висорамнини, едната висока околу 550 м и другата висока околу 400 м. Селото Косматац се наоѓа во подножјето на отсеците кои ги делат споменатите висорамнини. Околни населби се: Мургаш, Новосељане и Јачинце.

    И селото Косматац се смета за младо село во Кумановската област. Го основале Черкези од Кавказ. Тоа исто така било во 1864 година, каде биле населени околу 35 фамилии (според Ј.Х. Васиљевиќ), после споменатите руски освојувања на Кавказ. Овие Черкези турската власт најпрво ги населила покрај патот Куманово – Овче поле, недалеку од кумановското село Скачковце. Тоа место денеска носи име Бела вода. Меѓутоа, таму Черкезите не останале, туку го основале денешниот Косматац. Селото го добило името по возвишението кое се издигнува покрај населбата.

    Подоцнежното македонско население сметало дека во Косматац при основањето би можело да има 40 до 50 черкески домаќинства. Тие Черкези во селото останале само неколку години – до 1878 г., и за тоа време тие биле економски и друштвено пореметени, вознемирени луѓе – „катиљ људи“. Поради тоа претставувале страв за словенско-христијанското население од околните села. Напаѓале на нивните куќи и имотот, краделе добиток (особено овци и коњи) од населбите Скачковце, Кучкарево, Градиште, Мургаш и Новосељане. Поради тоа, сточарството од околните села морало да биде ограничено. Черкезите во Косматац не можеле да се снајдат во новата животна средина и да поднесат сува клима. Поради тоа доста починале и исчезнале. Особено децата не можеле да „издржат“ и затоа уште 1878 г. некаде се иселиле. Исто така повод за иселувањето било и Кумановското востание од 1878 г., каде го зафатило и селото Косматац, каде Черкезите морале да го напуштат селото. Востаниците им ги запалиле сите куќи кои изгореле до земја,

    Косматац има поволни економски услови и средишна положба во однос на околните кумановски села. Поради тоа турската власт во куќите на иселените Черкези, споменатата година населила муслимански Помаци, мухаџири од Бугарија, кои броеле до 60 куќи. Меѓутоа, во Балканската војна 1912 г. селото Косматац било запалено и сите Помаци биле иселени. После тоа, тука се населувало македонско население од околината на Крива Паланка.

    Денеска во Косматац постојат топографски називи и остатоци од старини кои потсетуваат на Черкезите и Помаците во минатото. Черкеските гробишта се наоѓале на потесот Грбавица, сега таму се ниви.

    Исто така во атарот на селото Косматац, едно место носи назив Камилин Чукар. На тоа место во минатото се одмарале камилите кои тука поминувале во каравани од по 100-200 и 300 на број. На тој Чукар камилите ги подмачкувале со катран.

    Од претходниот текст може да заклучеме дека Черкезите во Кумановскиот крај биле населени во 1864 година, после руските освојувања и протерувања од Кавказ. Биле вкупно населени околу 200 куќи или 300 луѓе. Биле само населени во селата Черкези, Косматац и Слатина. Черкезите не можеле секаде да одржуваат цврсти меѓсебни врски. Не секогаш можеле да склопуваат брак со своите сонародници. Не можеле лесно да се навикнат на новите економско и друштвени прилики. Черкезите со околните Македонци често биле скарани и во конфликт, живееле прилично сиромашно. После ослободувањето од турската власт 1912 г. во најголем дел Черкезите исчезнале само еден мал дел во селото Черкези останале до педесетите години на минатиот век.  

    Литература:

    Ј.Х. Васиљевић – Јужна Стара Србија (Кумановска Област), Издање задужбине И. М. Коларца, стр.186, 235, Београд, 1909.

    Ј.Х. Васиљевић – По Кумановској и Скопљанској околини (1889), Браство, књ, V, стр. 200, Београд, 1892.

    Тих. Р. Ђорђевић – Черкези и нашој земљи, Гласник Скопског научног друштва, III, Скопље, 1928.

    В. Чубриловић – Политички узроци сеоба на Балкану од 1860 до 1880. године, Гласник Географског друштва, XVI, Београд, 1930.

    Ј.Ф. Трифуноски – Ранија черкеска насеља у Македонији, Балканика XXI, Београд, 1990.

    Ј.Ф. Трифуноски – О Черкезима у Македонији (Нови подаци), Етнолошки преглед.

    В. Кънчов - Македония. Етнография и статистика, стр. 215, София, 1900.

    (подготвил: Филип Ѓошевски – дипломиран географ)