Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Министерството за труд и социјална политика спроведува кампања за зголемување на бројот на згрижувачки семејства.
За таа цел денеска во Куманово се одржа работилница на која беше кажано дека за 25 отсто е зголемен надоместокот за згрижувачите, а во градот има само седум згрижувачки семејства. Целта е оваа бројка во иднина да расте и кај граѓаните да се зголеми интересот за згрижување на деца.
Потребно е на секое дете да му се обезбеди средина најблиска до семејна средина. Затоа започна проектот за зголемување на згрижувачки семејства, во чии рамки се спроведува кампањата “На секое дете му е потребно семејство“. Во Куманово имаме седум згрижувачки семејства, бројката е иста како лани. Тие се добри семејства, згрижуваме деца 24 часа кога ни е потребно - изјави Наџије Мустафа, раководител на сектор за брак и семејство во Центарот за социјални работи Куманово.
За згрижување на дете од предшколска возраст згрижувачот добива 8.440 денари, за школска возраст 9.740 денари и дете со воспитно - социјални проблеми 9.740 денари, а деца со пречки во развој или старо лице 11.000 денари.
Згрижувачот Сузана Величковска (51) од населбата Карпош апелира младите да почнат повеќе да згрижуваат деца, затоа што оваа работа е хумана и државата ги стимулира згрижувачите со зголемувањето на надоместокот.
Јас сум згрижувач од 2010 година, точно 5 години и со тоа го имам остварено правото кое Владата го дава да можам да користам пензија кога ќе имам години. Во моето семејство моментално имам згрижено 4 дечиња, од 5 до 10 години. Треба да се помагаме бидејќи животот е непредвидлив - рече Величковска.
Низ нејзиниот дом досега поминале десет деца, а детето се до полнолетството останува кај згрижувачкото семејство.