Ќе се пошумуваат повеќе локации, приоритет Градскиот парк и кејот на Кумановка
ЈП „Чистота и Зеленило“ во наредниот период ќе спроведе голема акција за пошумување на повеќе локации во Општина Куманово.
Според директорот Сашо Томиќ, со акцијата прво ќе бидат опфатени оние површини кои беа уништени во невремето, но ќе се оформат и нови дрвореди покрај улиците и реките.
„Акцијата ќе ја започнеме од Градскиот парк, каде што летоска ни паднаа многу дрвја. Законска обврска ни е на едно паднато дрво да засадиме најмалку 5 нови. Ние ќе се трудиме да засадиме што повеќе. Приоритет ќе ни биде и Градскиот кеј, Спомен костурницата, месната заедница „Панче Пешев“ покрај реката, на местата каде што се исушија или уништија дрвцата, како и да формираме нови дрвореди“, кажа Томиќ.
Тој вели дека 80 отсто од садниците од минатата година се зафатени, а останатите ќе ги обноват. Претпријатието има доволни количини на сопствен расад за потребите на пошумувањето.
Во акцијата ќе бидат вклучени и училиштата и невладини организации, како и граѓаните кои сакаат да се приклучат.