Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во расправата по првата точка од денешната 50-та седница на Советот на Општината Куманово - остварување на Буџетот на Оштината за првите три месеца од годинава, реализацијата на капиталните проекти беше стожерот околу кој два часа се вртеа спротивствани ставови на советниците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ Стефан Трајановски, Бране Петрушевски и градоначалникот Зоран Дамјановски.
Уште еднаш, по втор пат годинава, укажувам на тоа дека Буџетот на Општината за оваа година е или лошо, нереално планиран или лошо се менаџира, што се гледа од ниската реализација на приходната страна, а што од друга страна резултира и со застој во реализацијата на капиталните проекти. Или можеби градоначалникот реализацијата намерно ја темпира за идната, предизборна година - рече советникот Трајановски.
На тоа градоначалникот Дамјановски неколкупати реплицираше со ставови дека нема застои и опасност од ,,црни дупки‘‘ во буџетот, а уште помалку во изградбата на планираните капитални проекти.
„Успешно се реализира проектот за гасификација на Куманово, во завршна фаза се спортската сала и спортскиот полигон, а наскоро следи камен-темелник за пливачкиот базен и преуредување на локалитетот ,,Чоробенско ќоше‘‘. Црните дупки на Буџетот се јавуваат во ставките каде што средствата треба да ги дотира Владата на Република Македонија - рече градоначалникот Дамјановски и како пример ја посочи нереализираната ставка од ,,нетранспарентна продажба од страна на Владата на касарните во висина од 700 илјади евра што требаше а не се слеаја во општинската каса‘‘.
Или 40-те милиони денари за превоз на ученици што лани требаше да ги обезбеди, а не ги обезбеди, Министерството за образование па мораше да се префрлаат со ребаланс на Општинскиот буџет од ставката за капитални инвестиции - потсети спикерот Виктор Цветковски.
Градоначалникот Дамјановски целата расправа ефектно ја затвори со репликата дека ,,парите на граѓаните се во сигурни раце‘‘!
По двочасовната расправа во која учествуваа и советниците Марина Манојловска, Максим Димитриевски и Бранко Цветков, извештајот за остварување на Буџетот во првиот квартал од годинава беше усвоен со 21 глас ЗА и 6 гласа ПРОТИВ.
Нешто помалку време беше потрошено и за тримесечниот извештај за финансиското работење на Јавното претпријатие ,,Вододвод‘‘ и тоа благодарение на неколкуте забелешки на советниците од локалната опозиција.Главната забелешка е недоволната ефикасност во наплатата на потрошената вода.
„Тоа прашање треба да и‘ го поставите на вашата Влада, бидејќи најголеми должници за потрошена вода се правните лица, како што е во моментов АРМ на пример‘‘ - одговори директорот на ЈП ,,Водовод‘‘ Виктор Божиновски.
Педесеттата седнивца на Советот, прва по годишните одмори, продолжи со разгледување и усвојување на уште петнаесеттина други точки, главно од полесен карактер од кои внимание заслужуваат предлог-насоките насловени како ,,безбедни училишта‘‘ и предлог - решението на ЈП ,,Чистота и зеленило‘‘ за цената на гробни места и годишната гробарина. На овие две прашање Кумановоњуз ќе се осврне деновиве.