Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Центарот за култура “Трајко Прокопиев“, утре ќе биде отворена изложба на слики на ликовните уметници од Кавадарци.
Со “Годишна изложба 2012“ Друштвото на ликовни уметници Кавадарци одбележува 35 години постоење и е едно од најактивните во Македонија . Оваа година изложбата е направена со цртежи од кои дел се промовирани во Кавадраци, а дел ќе бидат промовирани во нашиот град.
Од Кавадарци потекнуваат најголемите македонски ликовни имиња како Петар Мазев, Глигор Чемерски, Симон Шемов меѓу другите, за да денес високо на ликовната сцена во Македонија и пошироко котираат Ристо Соколов Сокол, Ванчо Кеков, Владимир Темков, Кирил Мукаетов, но и останати од кои дел се претставуваат и на изложбата во Куманово. Еден од основачите на друштвото е и Глигор Стефанов, првиот македонски претставник на Венецијанското ликовно биенале, а член на ДЛУК е и годинашниот македонски претставник во Венеција Елпида Хаџи Василева.
Друштвото на ликовни уметници Кавадарци (ДЛУК) е формирано 1977 година, на темелите на Друштвото на млади ликовни уметници “Ластар“ кое работи активно неколку години претходно. Неговите основачи, денес работат во Кавадарци и Македонија, низ Европа и Канада.
Денес ДЛУК има над 40 членови, а дел од нив доаѓаат и од други градови од Македонија, понесени од желбата да бидат дел на едно од најстарите и највлијателни ликовни асоцијации во Македонија.
Изложбата ќе биде отварена во 19 часот и ќе трае до 7 март.