Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Куманово ќе гради нов кружен тек на раскрсницата меѓу булеварот „Октомвриска револуција“ и улицата „Доне Божинов“, кој ќе чини 22,6 милиони денари, односно 367,5 илјади евра.
Градежните рабoти ќе ги изведува фирмата „КООП Инженеринг“ од Куманово, која е избрана на тендер во втората половина на декември.
„Очекуваме да започнеме со работа во пролетните месеци, сега сме во процес на обезбедување на потребните дозволи. Овој проект е планиран одамна, но експропријацијата на земјиштето ја кочеше целата работа. На сопствениците им се исплатени околу 200.000 евра и сега во најголем дел се завршени правните процеси“, објасни Момчило Јовановски од Секторот за комунални работи.
Фирмата се обврзала дека работата ќе ја заврши за 68 работни дена од започнување на работите, а рокот може да биде продолжен само во случај на природни катастрофи, по изречени мерки на надлежни државни органи или ако самиот изведувач се повлече од договорот.
Во секој друг случај, договорот предвидува на изведувачот да може да му бидат наплатени пенали во висина од 1 промил од вкупната сума за секој ден задоцнување, но не повеќе од вкупно 5 проценти.
Навременото, квалитетно и во согласност со договорот извршување на работите „КООП Инженеринг“ го гарантира со банкарска гаранција во висина од 15 проценти од вредноста, која во случајов изнесува 3,39 милиони денари.
Самиот договор предвидува обележување и осигурување на трасата во должина од 496 метри, поставување на сообраќајни знаци за изменет режим на сообраќај кои ќе чинат 50 илјади денари, уредување на дрва- 40 илјади денари.
Ќе се работи на површина од 4.776 метри м2 , а новиот асфалт со дебелина од 10 сантиметри ќе се поставува на веќе постоечкиот. Според договорот изведувачот ќе мора да направи нов дренажен систем со приклучок за шахти, поставување на бекатон плочки на тротоарите, како и поставување на рабници. Нивна обврска, покрај целокупната комунална опрема за јавно осветлување, сообраќајни знаци и исцртување на коловозот е и набавка и изработка на зеленило на разделниот остров, ставка која ќе чини 495 илјади денари.
Ова ќе биде четврт кружен тек во градот од 2022 година, веќе се изградени на влезот на Куманово, во Серава и кај Митев мост.