Мени

Ќе се реконструира Музичкото училиште „Панче Пешев“ – учениците привременo на настава во „Вук Караџиќ“

11.05.2026 13:31 | Сузана Николиќ

Учениците од Основното општинско музичко училиште „Панче Пешев“ до крајот на учебната година наставата ќе ја следат во просториите на ОУ „Вук Караџиќ“, поради реконструкција на училишната зграда.

Ќе се реконструира Музичкото училиште „Панче Пешев“ – учениците привременo на настава во „Вук Караџиќ“

Се очекува градежните работи да завршат до почетокот на новата учебна година, па учениците од есен да се вратат во реновираните училници.

Предлог-одлуката за давање согласност за времена реализација на воспитно-образовниот процес за учениците од УОМО „Панче Пешев“ – Куманово во просториите на ООУ „Вук Караџиќ“ беше усвоена на последната седница на Советот на Општина Куманово.

Одлуката пред советниците ја образложи раководителот на Секторот за образование, Александар Јовановиќ.

„Поради реконструкцијата на училишната зграда, објектот ќе биде небезбеден за време на изведувањето на работите, па потребно е учениците привремено да бидат префрлени во друго училиште. Оваа мерка ќе важи до крајот на наставната година, бидејќи се очекува реконструкцијата да заврши за два месеци, а од септември учениците да се вратат во реновираната зграда“, изјави Јовановиќ.

Тој потсети дека ова не е нова пракса, посочувајќи дека и претходно дел од учениците од ОУ „Браќа Миладиновци“ биле времено преместени во Гимназијата „Гоце Делчев“, додека учениците од Агино Село посетувале настава во Романовце за време на реконструкцијата на нивното училиште.

Проектот на УНДП предвидува реконструкција на кровот, замена на прозорците и поставување енергетски ефикасна фасада на Основното општинско музичко училиште „Панче Пешев“.

Советникот Дарко Митевски од ЗНАМ истакна дека ова е прва реконструкција на училиштето од неговата изградба и дека досегашните услови не ги задоволувале потребите на учениците и вработените.