Книжевна вечер со Драгана Лукан Николовски во Куманово
Во фоајето на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ утре во 19 часот ќе се одржи промоција и презентација на книжевното творештво на авторката Драгана Лукан Николовски.
Станува збор за книжевна средба со исклучителна авторка, дипломиран драматург и магистер по филмско и телевизиско сценарио. Дел од нејзините текстови се поставени на театарска сцена и се изведуваат во театрите.
За нејзиното творештво ќе зборува Билјана Црвенковска, а извадоци од делата ќе читаат актерките Кети Дончевска Илиќ и Владанка Крстевска.
„Драгана Лукан Николоски ја претвора секоја реченица во сцена, а секој лик во глас што ја бара својата вистина. Нејзината проза и драмско писмо стојат меѓу реалноста и поетското, каде што секоја човечка слабост се претвора во сила, а секој миг на тишина станува најгласната реплика. Во нејзиниот свет, женските ликови не се создадени за да молчат – тие зборуваат, мислат, се спротивставуваат, љубат и се ослободуваат.
Таа ја преиспитува патријархалната матрица низ интимата, покажувајќи дека тивката борба за слобода се води во секојдневните односи, во љубовта, во телото, во начинот на гледање и слушање. Преку нејзиното творештво, театарот и книжевноста не се два света, туку заеднички простор на искреност, во кој зборот станува чин на отпор и нежност истовремено“, стои во најавата за промоцијата.
Настанот е дел од Годишната програма за литературна дејност, поддржана од Министерството за култура и туризам.