Коалицијата никогаш не функционирала подобро, вели Димитриевски
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, тврди дека коалицијата на владејачкото мнозинство никогаш не функционирала подобро на локално и централно ниво, откако опозицијата вчера обвини дека поради несогласувања меѓу коалициските партнери била прекината седницата на Советот на Општина Куманово.
Поради прекинот, не беа донесени програмите и извештаите за работа на основните и средните училишта.
Мнозинството во Советот на Општина Куманово го сочинуваат коалициите ЗНАМ, ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ.
„Одлагањето на седницата е од технички причини, поради недоволниот број советници. Крај е на годишните одмори и разбирливо е што одредени советници не се физички присутни во државата. Опозицијата, и на централно и на локално ниво, не знае ништо друго освен да критикува и да ги блокира сите процеси за развој на Општина Куманово. И тоа е повеќе од евидентно, но тоа е нивна работа. Ние ќе работиме најдобро што знаеме и ќе се обидеме да ги подобриме условите во градот и државата“, кажа Димитриевски.