Мени

Коледарите ги набраа бадниковите гранчиња во Пчиња

23.12.2025 13:10 | Сузана Николиќ

Членовите на здружението „Коледари“ ги набраа бадниковите гранчиња во селото Пчиња, кои ќе бидат поделени на граѓаните на 6 јануари, за време на прославата на Бадник на Градскиот плоштад во Куманово.

Коледарите ги набраа бадниковите гранчиња во Пчиња

„Во Пчиња присуствуваа голем број граѓани, верници и жители на селото, кои заеднички ја споделија празничната атмосфера и духовното значење на Бадник. Осветувањето на бадниковите гранчиња беше извршено во црквата „Свети Спас“, во свечена атмосфера, со што уште еднаш беше потврдена важноста на зачувувањето на духовната и културната традиција, кои со векови се пренесуваат од генерација на генерација“, изјави претседателот на здружението, Мирослав Доневски.

Здружението „Коледари Куманово“, во согласност со годишната програма, по повод празникот Бадник, традиционално по 26-ти пат го организираше берењето на бадникови гранчиња.

„Овој настан претставува значаен дел од бадниковите обичаи во кумановскиот регион и има посебно место во празничниот календар. Во рамки на настанот, во просториите на црквата беше поделен и традиционалниот коледарски грав, како симбол на заедништво, солидарност и празнична радост, што уште повеќе ја зближи локалната заедница“, додаде Доневски.

Тој ги покани сите граѓани на 6 јануари да се приклучат на Коледарската поворка, која ќе биде формирана во 11 часот пред црквата „Свети Никола“ во Куманово. Централната прослава ќе се одржи во 12 часот на Градскиот плоштад, пред Домот на културата, со богата културно-уметничка програма.